Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против И.К.(33) од село Вевчани поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување на исправа”, „измама” и „надрилекарство”.
Како што информираат од МВР, пријавениот изготвил три лажни исправи, фалсификат уверение за положени испити при Факултет за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев”- Штип, лиценца издадена од Лекарска Комора на РСМ и Уверение од Лекарска комора и ги употребил за вработување на работно место лекар во ЈЗУ Здравствен дом Вевчани.
-Делото го сторил во два наврати и кога за прв пат аплицирал за работа на јавен оглас од 05.09.2016 година, но не бил селектиран како кандидат за вработување и со аплицирањето од 04.10.2018 година, кога бил селектиран и вработен со Договор за вработување од 26.11.2018 година со одлука на Директорот на ЈЗУ Здравствен дом Вевчани. Пријавениот, по основ на договорот за вработување во периодот од 26.11.2018 до 19.10.2022 и претходно од 03.10.2016 до 26.11.2018, со склучени договори за дело, обавувал работни задачи на работно место – доктор на медицина, со што го нарушил угледот на болницата и ги оштетил буџетот на болницата и буџетот на РСМ, а за себе прибавил материјална корист во износ од околу 3.507.208 денари, се наведува во соопштението од МВР.
Основното јавно обвинителство Струга пред неколку дена информираше дека истражува уште два поврзани случаи.
Првиот предмет се однесува за директорот на Здравствениот дом, за кого има индиции дека од 2019 година имал определени сознанија дека И.К. не поседува лиценца од Лекарската комора. За ова тој бил писмено известен со допис од Лекарската комора. Сепак, и покрај ваквите сознанија, тој на пријавениот му овозможил да продолжи да извршува лекарска дејност во Здравствениот дом во Вевчани до втората половина на 2022 година. На овој начин, постојат индиции дека директорот на ЈЗУ Здравствен дом Вевчани сторил кривичнo делo – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик.
Од обезбедената документација, Основното јавно обвинителство Струга дојде до сознанија дека на оглас за вработување во 2019 година во ЈЗУ Здравствен дом – Вевчани се пријавиле две кандидатки кои не поседувале лиценци во тоа време. И покрај тоа, Комисијата за селекција при вработување констатирала дека тие ги исполнуваат законските услови. Со оглед на тоа што без лиценци тие не можеле да бидат вработени како лекари во здравствена установа, со нив бил склучен договор и биле примени како приправници. Откако неколку месеци подоцна ги обезбедиле лиценците, без да биде распишан нов оглас, со двете кандидатки биле склучени договори за вработување.
