Во НУ Македонски народен театар синоќа се одржа премиерата на документарниот филм „1000 години-Сведок на светлината“, во режија на Илија Ико Каров, посветен на Бигорскиот манастир, по повод големиот јубилеј на манастирот, кој го доловува духовниот монашки континуитет низ вековите.
Премиерата на документарниот филм паралелно се емитуваше и на Националниот сервис, на каналот Јутјуб, како и на официјалните Фејсбук страници на филмот и на Бигорскиот манастир.
На премиерата, покрај монашката заедница од Бигорски манастир, предводена од отец Партениј, присуствуваше поглаварот на Македонската православна црква Охридска архиепископија г.г Стефан, претседателот Стево Пендаровски, министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за финансии Фатмир Бесими, за економија Фатмир Бесими, за одбрана Славјанка Петровска, и за правда Никола Тупанчевски, како и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.
Премиера на документарниот филм „1000 години Сведок на Светлината“ посветен на еден од најубавите и најзначајните македонски манастири Св. Јован Бигорски. Гордоста на македонскиот народ и македонската Црква, симболот на непокор, кој одбележа 1000 години од своето постоење, напиша претседателот Пендаровски на својата Фејсбук страница.
Режисерот Каров вели дека овој филм говори за љубовта, постоењето, заборавените вредности, духовната преобразба и е морално патување нагоре кон вечноста.
Во рецензијата на филмот напишана од етнологот Владимир Деловски се вели дека филмот е автентичен, вистинит, а во неговата срж е љубовта.
Документарниот филм „1000 години-Сведок на Светлината“ на „Кат продукција“ е сниман речиси пет години.
На секои илјада години во Бигорскиот манастир процутува по еден цвет, кој сведочи за една друга убавина – не од овој свет. Тоа е токму онаа убавина, оној елемент, петтиот, кој е самата смисла на веќе добро познатите четири елементи. Тоа е токму тој елемент кој многумина мудри и просветлени философи го положиле во центарот, како есенцијална смисла на просветлувањето, оттаму и дека „Убавината ќе го спаси светот“.
Овој филм е токму за таа „Убавина“, што веќе еднаш го спаси светот…
„Сведокот на светлината“ транзитира, поставувајќи темели на една подруга документаристика за Бигорскиот Манастир. Досега бевме навикнати само на еден репортажен пристап. Овој филм отвора перспектива на оригиналност, автентичност, непосредност и доживеаност. Тој е складен со традицијата и наративот, но има и нешто ново и оригинално, нешто свое. Без овие нешта хоризонтот на филмот останува затворен или сувопарен.
Режија и сценариото се на Илија Ико Каров, актер е Благој Веселинов, додека на филмот работеше КАТ Продукција.
Актерот Благој Веселинов е роден на 27 февруари 1984 година во Кочани. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје.
Благој Веселинов толкувал голем број на улоги, како во театар (над 30 театарски премиери), така и на филм (над 16 улоги во долгометражни и повеќе од 20 улоги во кратки филмови), а учествувал и во доста телевизиски проекти. Неговиот неприкосновен актерски талент бил многупати препознаен и наградуван и во земјава и во странство. Една од бројните награди е онаа на Берлинале „Shooting Stars“, која ја доделува платформата Европска филмска промоција, за улогата во филмот „Исцелител“, 2019 г.
Негова матична куќа е Македонскиот народен театар (МНТ).
