Наместо со шетање, од дома ќе може да провериме каде е најисплатливо да пазаруваме. Трговците на интернет ќе мора да ги објават цените на сите производи. Освен маркетите, новитетите важат и за аптеките, салоните за бела техника, мебел… Објавувањето цени на Facebook или други социјални мрежи нема да се смета за исполнување на обврската. Цените мора да бидат јавно достапни на официјалната веб-страница. Од оваа обврска ослободени се само микро-трговците и трговците поединци. Според Законот за трговски друштва, доколку субјектот брои до десет вработени и во секоја од последните две пресметковни години или во првата од работењето остварил бруто-приход до 50.000 евра, спаѓа во категоријата на микротрговец. Тие не се обврзани да објавуваат цени, согласно измените на Законот за заштита на потрошувачите.
Во тој закон имавме преземено и две обврски. Првата е министерството за економија и труд да објави позаконски акт со којшто ќе го уреди ова однесување. Тој ќе биде објавен оваа недела, по разговорите со министерот кои ги имав, бидејќи 18 април е денот кога ова веќе треба да стапи во сила. И втората е покрај тоа што ќе имаат обврска да ги објавуваат цените има и соодветни казни. Односно, доколку не ги почитуваат ќе бидат казнети од ДПИ– Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Цените ќе се ажурираат дневно, со што потрошувачите во реално време ќе може да споредуваат. Очекувањата се дека на овој начин ќе се зголеми конкуренцијата и цените дополнително ќе се намалат.
Ако ја видите вие цената на некои производи во различни маркети ќе видите дека има навистина голема разлика во цената. На овој начин ние сакавме да поттикнеме една транспарентност која потоа сите оние кои се занимаваат со таков дел од општествената сфера ќе можат да ја искористат. Да креираат онлјан алатки каде што секој граѓанин ќе може да пазарува таму каде што смета дека цените му се најприкладни за неговите примања. Нашите очекувања се дека во оваа насока ќе имаме и те како намалување на цените, односно одржување на ценовната стабилност, бидејќи за последниве два месеца инфлацијата е намалена 2,4% што е еден позитивен индикатор дека мерките даваат резултат – Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
