Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне ќе има услови за појава на изолирана нестабилност. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 20, а максималната ќе достигне од 33 до 41 степен.
Во Скопје, претежно сончево и многу топло со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 41 степен.
Во Охрид времето денес сончево со мала облачност и слаб ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 31 степен.
Во петок ќе се задржи многу топло време. Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа се очекува да надмине и 40°C. Вредноста на UV индексот ќе биде 9. Попладне и во вечерните часови наместа ќе има појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со засилен ветер и услови за појава на град. Во деновите од викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневните температури ќе опаднат за 5-7 степени во споредба со утрешните.
Лицата над 65 години или старите лица се посклони кон здравствени проблеми поврзани со топлината. Согласно националните и меѓународните препораки, старите лица се категоризирани како т.н. „ризична категорија“ бидејќи потешко се прилагодуваат на температурните промени, имаат поголема веројатност да имаат хронична здравствена состојба, да користат редовна терапија која може или ги менува нормалните реакции на телото на топлина, велат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Во оваа насока од Институтот со препораки за заштита на повозрасните лица од топлото време:
1. Избегнувајте на изложување на сонце (вклучително и работа на отворено) во период 11 – 17 ч.
2. Носете лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капа со висок свод и широк обод и крем со УВ фактор 30+ при изложување на сонце.
3. Пијте повеќе од вообичаено и не чекајте додека не почувствувате жед за да пиете вода. Избегнувајте алкохолни пијалаци, пијалаци кои содржат кофеин и екстремно ладни пијалаци. Доколку пак, вашиот лекар има поставено некои ограничувања за внесот на течности, консултирајте се со вашиот лекар.
4. Избгенувајте користење на шпорет, рерна и слични уреди во период од 11 до 17 ч.
5. Хроничните болни, посебно оние со болести на кардиоваскуларниот систем, невролошките и белодробните болести, потребно е да бидат посебно дисциплинирани по однос на овие препораки и да ја земаат својата редовна терапија. За сите промени во здравствената состојба, задолжително консултирајте го избраниот (матичниот) лекар.
6. Информирајте го вашето семејство, пријателите и соседите за препораките и мерките за заштита од топлото време.
