Синоќа, во село Белчишта, со достоинствена и свечена програма, беше одбележан големиот јубилеј – 40 години од основањето на Меѓународната ликовна колонија „Дебрца“. Овој настан претставува повеќе од уметничка манифестација – тој е симбол на четири децении посветеност, креативност, размена на култури и инспирација што ги обединува уметниците од земјата и светот.
Колонијата, основана и градена со ентузијазам и визија од ликовниот уметник и педагог Ѓорѓи Целески, е најстарата од ваков тип во државата и денес претставува своевиден уметнички храм со над 700 дела од врвни автори. Благодарение на неговата неуморна работа, Дебрца израсна во синоним за уметничка креација и културна размена, препознаена и надвор од границите на Македонија.
Свеченото отворање на јубилејното издание се одржа во Галеријата на Колонијата, со присуство на многубројни гости, уметници, почитувачи на сликарството и културата. Посебна чест годинава претставуваше присуството на академскиот сликар Јордан Манасијевски, кој одбележува 50 години активно творештво и меѓународно признание.
Организаторот, Здружението „Ликовна колонија – Дебрца“, под водство на директорката Мартина Целеска, оваа година покани 12 афирмирани уметници од Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Турција, Албанија и Канада. Нивното присуство сведочи за меѓународниот углед што Колонијата го ужива и за улогата што ја игра во поврзувањето на уметничките визии од различни културни простори.
Со желби оваа уметничка приказна да продолжи уште многу децении, учесниците и организаторите упатија пораки на поддршка, љубов кон уметноста и почит кон сите кои го вградија својот труд во нејзиниот развој. Меѓународната ликовна колонија „Дебрца“ останува светла точка на културната карта на Македонија и вистински простор за нови идеи, инспирации и уметнички дела.
