Имајќи го предвид кумулативниот ефект на продолжениот топлотен бран, владата ја усвои информацијата и издаде препораки до работодавачите кои важат од 23.07 до 26.07, со кои се препорачува ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години, како и овозможување работа од далечина, флексибилно и двократно работно време каде што е изводливо, соопштуваат од Владата.
Министерството за здравство ја информира јавноста дека согласно најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), топлотниот бран со температури над 40°C ќе продолжи до 26 јули 2025 година.
Имајќи го предвид кумулативниот ефект на продолжената изложеност на високи температури врз здравјето на ранливите категории на население, Владата, на предлог на Министерството за здравство усвои дополнителни препораки за работодавачите, кои ќе важат во периодот од 23 до 26 јули 2025 година:
Се препорачува ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години.Каде што е можно, да се овозможи работа од далечина, флексибилно или двократно работно време.Овие препораки не важат за вработените во критичната инфраструктура, како што се здравството, полицијата, армијата, транспортот, енергетиката и јавните комунални претпријатија.
Дополнително, Владата потсетува на веќе важечките мерки од акцискиот план:
Одложување на работниот процес од 11:00 до 17:00 часот за работници изложени на директна топлина. Обврска за обезбедување микроклиматски услови за работа – простории со температура до 25°C, освен каде што природата на работата не дозволува поинаку. Континуирано информирање на јавноста преку институциите.
