Екипата на Охрид за првпат во својата клупска историја го освои традиционалниот струшки турнир, откако во битката за трофејот беше поуспешна од македонскиот ривал Бутел Скопје, победувајќи го со 30-24 (14-11). На тој начин новиот тренер на охриѓани, Борис Ројевиќ со трофеј ја започна својата мисија покрај езерото, која продолжува со турнирот на домашен терен за неколку дена.
Финалето, кое што се одигра во салата „Тими“ пореди лошите временски услови во Струга, започна со израмнета игра. Бутел долго време одолеваше на налетите на фаворизираниот противник, и во поголемиот дел од првото полувреме го имаше водството на своја страна. Но, откако Охрид израмни во 20. минута (7-7), конечно фати ритам и го стави Бутел во позиција да брка негатива.

На полувреме се замина со 14-11 за „гладијаторите“, а избраниците на Ројевиќ и по паузата имаа сè под контрола и од минута во минута го зголемуваа водството. На крај Охрид до својот прв трофеј на струшкиот турнир го обезбеди со победа од 30-24.
Дарко Ѓукиќ со девет гола беше најдобар стрелец во победничкиот тим, а шест погодоци даде најкористниот играч на турнирот Анте Иванковиќ. Давид Јаневски со седум гола беше најдобар во тимот на Бутел Скопје. Се истакнаа и двајцата голмани Блажески и Трајкоски.
Третото место го освои екипата на Тиквеш, која што во драматичен натпревар по изведувањето на пеналите беше поуспешна од турска Бурса.
