Министерот за култура и туризам, Зоран Лутков, денеска пред македонската јавност го презентираше визуелното решение за новата Универзална сала – проект кој ќе го врати значењето на оваа култна локација и ќе внесе нова енергија во културниот живот на главниот град.
Според најавите, ќе се задржи препознатливата форма на салата во чест на колективната меморија, а капацитетот ќе изнесува 1.200 седишта. Објектот ќе биде изграден со современа акустика и најнова техничка опрема – HVAC систем, сценска техника, LED осветлување и најсовремени аудио-видео решенија.
Во ентериерот и екстериерот ќе се користат современи материјали, а објектот ќе биде проектиран со висока енергетска ефикасност. Планирано е и модерно партерно и хортикултурно уредување на просторот околу салата, со што ќе се создаде атрактивна и функционална средина.

Министерот Лутков најави дека на почетокот на октомври ќе завршат постапките за избор на изведувач и надзор, по што ќе започне изградбата по систем „клуч на рака“.
Според планот, Универзалната сала треба да биде целосно готова до крајот на 2027 година, за во 2028 гордо да ја дочека програмата „Скопје – Европска престолнина на културата“.
Инвестицијата во проектот изнесува 20 милиони евра, а како што истакна Лутков, тоа не е само изградба на нов објект, туку и инвестиција во културата и иднината на Скопје. „Новата Универзална сала ќе биде симбол на културна размена, креативност и заедништво – достапна за сите граѓани“, порача министерот.
