Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави список на граѓани кои се стекнале со право на финансиска поддршка за купување и вградување инвертер клима уред, во рамки на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година.
Станува збор за втора фаза од постапката, а право на поддршка имаат домаќинствата кои најдоцна до 5 октомври 2025 година поднеле барање, доставиле комплетна документација и ги исполниле условите утврдени со програмата.
Списокот на корисници може да го видите тука.
Од 18 март до 17 април 2026 година, граѓаните кои се на списокот ќе можат да се обратат во меѓуопштинските центри за социјална работа во општината каде што живеат, со цел да го подигнат својот ваучер. Рокот за подигнување е 30 дена од денот на објавувањето.
По подигнувањето, ваучерот може да се искористи за набавка и вградување на инвертер клима уред со моќност од 3,5 kW и најмалку енергетска класа А+, а важи најдоцна до 15 октомври 2026 година.
Вредноста на ваучерот изнесува до 28.000 денари, а граѓаните ќе можат да изберат клима уред од компании со кои Министерството ќе склучи договори. Списокот на тие компании ќе биде објавен дополнително.
Министерството нагласува дека оваа објава се однесува само на граѓаните кои веќе аплицирале на јавниот оглас во 2025 година, и претставува завршна фаза за реализација на поддршката.
Во рамки на оваа мерка ќе бидат доделени вкупно 4.070 ваучери, со цел намалување на трошоците за енергија и подобрување на енергетската ефикасност во домаќинствата.
