Владата најавува продолжување на инвестицискиот циклус во општините, при што преку различни програми и соработка со Светска банка во изминатите две години се насочени стотици милиони евра во локалната инфраструктура, патната мрежа и комуналната опрема.
„Ова е Влада која, неспоредливо со која било претходна, дава поддршка на локалната самоуправа. Веќе имавме два повици, едниот во 2024, другиот во 2025 година, во вкупна вредност од 350 милиони евра за реализација на локални проекти“, изјави Николоски.
Дополнително, преку проектот за локални патишта што се реализира со поддршка на Светска банка, во периодот од јуни 2024 до јуни годинава се склучени договори вредни 25,3 милиони евра. Со тие средства досега се рехабилитирани 96 улици во 72 општини, со вкупна должина од 72 километри, додека уште 31 километар патишта се во фаза на реконструкција. Според Николоски, тоа значи дека во различни фази на реализација се над 100 километри локални сообраќајници низ државата.
Покрај патната инфраструктура, во тек е и набавка на нова механизација за одржување на јавната хигиена во општините. Со поддршка на Светска банка се обезбедуваат 49 возила со вкупна вредност од 4,2 милиони евра. Станува збор за 17 мултифункционални возила за урбано одржување, две специјализирани возила за хигиена со дополнителна опрема, девет специјализирани камиони и 21 машина за чистење улици.
„Ова е најголем инвестициски циклус во општините. Ќе продолжиме и во следниот период, веќе разговараме со Светска банка за нови проекти кои ќе бидат во насока на подобрување на состојбата во општините“, рече Николоски.
Според најавите, покрај изградбата и реконструкцијата на локални улици и патишта, средствата од владините програми се насочуваат и кон изградба на градинки, здравствени установи и друга локална инфраструктура, со цел подобрување на условите за живот во општините низ државата.
