МПЦ-ОА и верниците денес го слават и одбележуваат преносот на моштите на Свети апостол Вартоломеј.
Народни обичаи и верувања за овој ден
Македонската православна црква – Охридска архиепископија и верниците денеска го одбележуваат преносот на моштите на Светиот апостол Вартоломеј, светец кој во народната традиција се ужива со големо почит, но и со стравопочит, познат и под името Вратолома.
Неговиот главен празник се одбележува на 24 јули (11 јули по стариот календар), додека денешниот ден е посветен на споменот за чудесното спасување и пренос на неговите свети мошти.
Чудесното патување на светите мошти
Откако Свети Вартоломеј бил распнат во ерменскиот град Албанапол, локалните христијани го положиле неговото тело во оловен ковчег. Поради бројните исцеленија и чуда на неговиот гроб, бројот на христијани брзо се зголемувал, па незнабожците решиле да ги фрлат неговите мошти во морето, заедно со ковчезите на уште четири маченици: Папијан, Лукијан, Григориј и Акакиј.
Но, по Божја волја, оловните ковчези не потонале, туку отпловиле на четири страни. Па така Акакиј пристигнал во Аскалус, Григориј во Калабрија, Лукијан во Месина, Папијан на друг дел од Сицилија, додека Вартоломеј на Липарските Острови.
Липарскиот епископ Агатон, по небесно откровение, со народот и свештенството го пречекал ковчегот на брегот, а моштите биле положени во храмот каде што почивале сè до 9. век, кога пред наездата на муслиманите биле пренесени во италијанскиот град Беневенто.
Строги народни обичаи и забрани
Во народните верувања се смета дека на овој ден најлесно може да се случи несреќа, поради што строго се почитуваат следниве правила.
Забрана за работа на нива
Вратоломеј се смета за заштитник на посевите, па секоја работа во полето се запира. Се верува дека светецот не им простува на оние кои работат на овој ден и дека сите посеви може да им пропаднат од град, бура или поплава.
Времето како предзнак
Облачното време на овој ден се смета за лош знак за земјоделците и за приносот.
За деца и домаќинства
На децата им се забранува да се качуваат по дрва за да не „го скршат вратот“, се избегнува капење во реки, а на жените им се советува да не вршат тешки домашни работи.
Денеска се одбележува и Светиот апостол Тит
Покрај преносот на моштите на Свети Вартоломеј, црквата денеска го прославува и Светиот апостол Тит, првиот епископ на Крит и верен сопатник на апостолот Павле.
Роден во благородничко семејство на Крит, тој го прифатил христијанството откако го слушнал небесниот глас и станал сведок на Христовите чуда и Воскреснувањето во Ерусалим, посветувајќи го целиот свој живот на ширењето на верата.
