Општина Охрид, во соработка со Културолошката иницијатива „5 до 12“, на 12 септември (сабота) организира уникатен културен настан „Охрид – Град музеј | Ноќ на музеи“, кој ќе се одржи од 19:00 до 23:00 часот на улицата „Цар Самоил“ во стариот дел на градот.
Посетителите ќе имаат можност да уживаат во богата програма исполнета со културни содржини, уметност, музика и презентации кои го афирмираат богатото културно-историско наследство на Охрид. Настанот има за цел да ги доближи музејските и културните вредности до граѓаните и посетителите, претворајќи го старото градско јадро во отворен простор за култура и креативност.
„Охрид – Град музеј | Ноќ на музеи“ се реализира со поддршка на Општина Охрид и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.
Организаторите ги покануваат сите граѓани и гости на градот да бидат дел од оваа посебна вечер посветена на културата, традицијата и духот на Охрид.
