Амандманите со кои се предлага воведување т.н. „пушачки соби“ во институции, приватни фирми и угостителски објекти добија негативно мислење од Министерството за здравство, со што повторно се одложува носењето на новиот закон за заштита од употреба на тутун и сродни производи.
Министерот за здравство Сашо Клековски смета дека со предложените амандмани би можело да се заобиколат основните одредби од законот.
„Да, постојат во одредени земји пушачки соби, меѓутоа тие имаат такви техничко-технолошки решенија, односно негативен притисок, што ние не успеваме да го постигнеме ниту во нашите операциони сали, а не пак во ресторан или друг простор“, изјави Клековски.
Од Собранието информираат дека законот е на второ читање пред Комисијата за здравство и дека се поднесени осум амандмани.
Покрај мислењето од Светската здравствена организација, група пратеници побарале дополнителни мислења од домашни експерти, како и од стопанствениците кои се занимаваат со производство на тутунски производи. По нивното пристигнување, Комисијата ќе ја продолжи постапката.
Законот беше подготвен и објавен на ЕНЕР уште на почетокот на годинава, а првичните најави беа дека ќе стапи во сила во текот на летото. Сепак, и понатаму е во собраниска процедура.
Со новото законско решение се предвидува забрана за пушење не само на класични цигари, туку и на електронски цигари и други производи што содржат никотин и тутун.
Пушењето би било забрането во и пред јавни институции, приватни компании, образовни установи, автобуски и железнички станици, пазари и други места каде што се собираат поголем број луѓе. Забраната би важела и во автомобил доколку во него има малолетно дете.
Предвидена е и забрана за рекламирање на тутунски производи, додека угостителите би имале рок од една година да ги приспособат терасите, кои треба да имаат најмалку две отворени страни.
За прекршителите се предвидуваат казни од 100 до 300 евра за физички лица, додека за правните лица казните би изнесувале од 2.000 до 5.000 евра.
Последните анкети, пак, покажуваат дека значителен дел од граѓаните поддржуваат дополнително ограничување на пушењето на јавни места.
