Само две недели откако студентите се вселија во реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“, веќе е регистриран проблем со канализацијата – поради фрлање влажни марамици во тоалетна школка.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска реагираше и упати остар апел до студентите да покажат поголема одговорност и да ги чуваат условите што им се обезбедени.
По интервенцијата на ЈП „Водовод и канализација“, запушувањето било отстрането, а просториите биле исчистени. Од Министерството потсетуваат дека влажните марамици и други неразградливи материјали не смеат да се фрлаат во тоалет, бидејќи можат да предизвикаат сериозни проблеми со канализацијата.
Јаневска порача дека во реконструкцијата на „Стив Наумов“ се вложени значителни средства, време и труд, а современите услови треба да се зачуваат и за идните генерации.
„Апел и одговорност – ова повеќе да не се случува. Обезбедивме најсовремени услови за престој на студентите во студентскиот дом „Стив Наумов“. Но, за тие услови да останат такви, неопходна е одговорност, совесност и грижа од сите што го користат домот“, порача Јаневска.
Министерката ги повика студентите да се однесуваат совесно кон домот и заедничките простории и да не дозволат неодговорното однесување да ги уништува условите што се обезбедени за нив.
