Сметките за електрична енергија за домаќинствата може да бидат повисоки од 1 јануари 2027 година.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, денеска изјави дека според актуелните пресметки, евентуалното зголемување на цената на струјата за домаќинствата би се движело меѓу 2 и 3 проценти.
Информацијата доаѓа во момент кога од Владата претходно беа упатувани најави дека по Нова година нема да има поскапување на струјата.
Сепак, конечната одлука сè уште не е донесена.
КОГА ЌЕ СЕ ЗНАЕ КОНЕЧНАТА ЦЕНА?
Енергетските компании веќе ги доставиле своите финансиски и технички барања до РКЕ, а регулаторот во моментов ги анализира трошоците и барањата.
Одлуките за цените на регулираните енергетски дејности треба да бидат донесени до крајот на годината, а новите тарифи би почнале да важат од 1 јануари 2027 година.
Ристов посочува дека компаниите бараат зголемување поради повисоките трошоци и состојбите на енергетскиот пазар, но нагласува дека нивните барања не значи дека автоматски ќе бидат прифатени.
ЌЕ СЕ МЕНУВА И МОДЕЛОТ НА МРЕЖАРИНАТА?
Покрај цената на електричната енергија, РКЕ разгледува и промени во начинот на пресметување на мрежарината.
Идејата е домаќинствата со помала потрошувачка да имаат помал трошок, додека поголемите потрошувачи би можеле да плаќаат повеќе.
Тоа би значело дека конечниот износ на сметката нема да зависи само од процентот на промена на цената на струјата, туку и од потрошувачката и тарифниот модел.
А ШТО ЌЕ БИДЕ СО ПАРНОТО?
Ристов денеска посочи и дека кај парното греење се очекува поголема промена.
Според неговата проценка, цената на парното би можела да се зголеми за 6 до 8 проценти, иако енергетските компании барале значително поголемо зголемување.
Сепак, и за струјата и за парното конечните одлуки допрва треба да ги донесе РКЕ.
Доколку се реализира проценката од 2 до 3 проценти, домаќинствата од јануари ќе добијат повисоки сметки, токму во периодот кога потрошувачката на електрична енергија е најголема.
