М.Т.Т.Ф. ги доби првите мајсторски црни појаси – шести дан
Македонската традиционална Таеквон-до федерација (М.Т.Т.Ф.) ги доби првите два мајсторски црни појаси – шести дан, со сертификати издадени од Интернационалната Таеквон-до федерација (ИТФ), со седиште во Виена, Австрија, и заверени од претседателот Гранд Мастер Ри Јонг Сон, носител на црн појас деветти дан.
Сертификатите беа официјално доделени во средата, во просториите на Македонската традиционална Таеквон-до федерација, со што се одбележува значаен успех за федерацијата и македонското Таеквон-до.
Претходно, по покана на Бугарската ИТФ Таеквон-до федерација, претседателот на М.Т.Т.Ф., Марјанчо Лазаревски, и почесниот претседател Саша Поповски, основач на Таеквон-до ИТФ во Македонија, учествуваа на семинарот во Софија, одржан од 10 до 12 јули 2026 година. Во рамки на семинарот се одржа и полагање за мајсторски појаси, пред комисија составена од Гранд Мастер Марио Богданов, носител на црн појас деветти дан, и Мастер Вергилиј Ситнилски, носител на црн појас осми дан.
Учеството на семинарот беше субвенционирано од Општина Охрид, во насока на усовршување и надградба на знаењата на тренерите.
Покрај ова признание, М.Т.Т.Ф. го доби и првиот почесен црн појас први дан. ИТФ му додели признание на потпретседателот Зоран Парулески за неговата посветена работа, придонес и заслуги во развојот на спортот.

Од федерацијата упатуваат благодарност до генералниот спонзор ПН МЕТАЛ, Општина Охрид и Министерството за спорт за поддршката, а воедно го најавуваат и своето учество на натпреварот за младински категории до 16 години – Перник Опен, во Бугарија, кој ќе се одржи овој викенд.
