Снежните врнежи и наноси утринава предизвикаа проблеми во сообраќајот на повеќе патни правци низ Македонија. На регионалниот пат Куманово – Свети Николе, во близина на бензинската пумпа во село Скачковце, сообраќајот е целосно во прекин за сите видови моторни возила поради излизгано товарно возило кое излетало од патот.
Поради снежните врнежи, од синоќа се воведени забрани за движење на тешки товарни возила на повеќе патни правци. Од 18:00 часот забрана е воведена на кракот Маврово – Дебар и на планинскиот премин Стража, од 22:15 часот на магистралниот пат Крива Паланка – ГП Деве Баир, а од 00:20 часот и на патот А3 Битола – Ресен, на преминот Ѓавато.
Во меѓувреме, забраната за тешки товарни возила на патниот правец Ресен – Охрид, преку превојот Буково, е прекината во 07:30 часот, а патот е прооден за сите видови возила. Сообраќајот е нормализиран и на магистралниот пат А3 Делчево – Граничен премин Делчево, кој од 07:00 часот е отворен за сите видови возила.
Од АМСМ информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, а снег врне на повисоките делови од државата, додека во пониските места врнежите се со послаб интензитет. Дополнително, на одредени патни делници има намалена видливост, што го отежнува движењето и бара зголемена внимателност од возачите.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ апелира до возачите да ја приспособат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони. Посебно внимание се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
