HomeАктуелноБез роаминг трошоци во ЕУ? Македонија чекор поблиску до „Роаминг како дома“

Без роаминг трошоци во ЕУ? Македонија чекор поблиску до „Роаминг како дома“

Македонија е сѐ поблиску до воведување на режимот „Роаминг како дома“, кој на граѓаните ќе им овозможи користење мобилни услуги во земјите од Европската Унија под исти услови како во матичната држава. Ова беше една од главните теми на министерскиот состанок меѓу Европската комисија и министрите од Западен Балкан, на кој учествуваше и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. На состанокот, одржан преку видеоконференциска врска, се разговараше за преговарачката рамка, следните чекори во процесот и подготвеноста на земјите од регионот за приклучување кон иницијативата „Роаминг како дома“. Андоновски нагласи дека за Владата и Министерството за дигитална трансформација овој процес претставува еден од највисоките приоритети. „Роаминг како дома не е само усогласување на законите со европските стандарди, туку конкретна придобивка за граѓаните, бизнисите, студентите и туристите. Нашата цел е да ја доближиме Македонија до дигиталниот единствен пазар на Европската Унија и да обезбедиме граѓаните директно да ги почувствуваат придобивките од европската интеграција“, истакна министерот. Според него, иницијативата ќе донесе пониски трошоци за мобилни услуги, подобра поврзаност и полесна комуникација за граѓаните и компаниите, додека од стратешки аспект претставува важен чекор кон интеграција во дигиталниот пазар на ЕУ. Министерството информира дека уште во август 2025 година бил подготвен Акциски план со јасно дефинирани активности, институционални надлежности и рокови за усогласување на домашната регулатива со европското законодавство во областа на електронските комуникации и роамингот. Во меѓувреме, работната група изработила законодавен пакет што вклучува измени на Законот за електронски комуникации, како и пет подзаконски акти. По спроведените јавни консултации и вклучувањето на телекомуникациските оператори, Владата го усвоила пакетот и на крајот на февруари го доставила до Европската комисија на мислење. Од Министерството очекуваат позитивен одговор за степенот на усогласеност на предложените решенија, по што би следувала нова фаза од процесот и интензивирање на преговорите. „Македонија за релативно краток период направи значителен напредок – од подготовка на Акциски план и формирање работни групи, до изработка на законски решенија и нивно доставување до Европската комисија. Тоа ја потврдува нашата силна политичка волја и институционална подготвеност за продолжување на процесот“, порача Андоновски. Од Министерството за дигитална трансформација нагласуваат дека остануваат целосно посветени на следните чекори и на тесната соработка со Европската комисија, со цел граѓаните што поскоро да ги почувствуваат придобивките од користење мобилни услуги во ЕУ без дополнителни роаминг трошоци.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер
Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.