Македонска Традиционална Таеквон-до Федерација викендов учествуваше на меѓународниот ИТФ натпревар за деца до 14 години „Плевен Опен 2025“. Боите на М.Т.Т.Ф. ги бранеа пет натпреварувачи – еден од Таеквон-до клуб „ХВА РАНГ ИТФ“ Лескоец – Охрид и четири од Таеквон-до клуб „СОНКАЛ“ Мислешево – Струга. Нашите млади таленти се натпреваруваа во дисциплина спаринг/борби, каде во силна конкуренција освоија три медали – два сребрени и еден бронзен.
Огромно задоволство ми е кога ќе видам како нашите млади натпреварувачи стануваат борци и уште од мали нозе даваат сè од себе да освојат медали од вакви квалитетни натпревари. Посебно ме радува што покажуваат храброст, пожртвуваност и достоинствено ја претставуваат Македонија. Имаме млади генерации кои ветуваат светла иднина за нашиот спорт, истакна претседателот на М.Т.Т.Ф., Марјанчо Лазаревски.

Најблиску до злато беше Христијан Шибакоски, кој по три победи над домашни натпреварувачи стигна до финале, каде минимално загуби во втората рунда и се закити со сребрен медал. Со овој успех, Шибакоски е чекор поблиску до исполнување на критериумите за учество на Европско првенство.
Сребро освои и Кристијан Гагалески, кој на само 10 години покажа импресивна храброст, додека бронза замина кај неговиот клубски колега Теодор Ѓорески. Без медал, но со големо меѓународно искуство останаа Максим Шулески и Дамјан Секулоски (8-9 години).
Лазаревски упати благодарност до генералниот спонзор ПН МЕТАЛ, како и до Општина Охрид и Министерството за Спорт за поддршката.
Освојувачи на медали:
-
Христијан Шибакоски – сребро, спаринг -40 кг, кадети 12-13 г. (ТК „ХВА РАНГ ИТФ“ Лескоец – Охрид)
-
Кристијан Гагалески – сребро, спаринг -30 кг, кадети 10-11 г. (ТК „СОНКАЛ“ Мислешево – Струга)
-
Теодор Ѓорески – бронза, спаринг -40 кг, кадети 10-11 г. (ТК „СОНКАЛ“ Мислешево – Струга)
