Прекрасна музичка вечер, посветена на јубилејот – 70 години од формирањето на анасамблот „Билјана“ и 10 години од првиот концерт на реобновениот состав со денешните членови се одржа синоќа во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид.
Во пребогатото културно и духовно наследство на Охрид, музичкото творештво на ансамблот „Билјана“, зазема едно од позначајните места, кои придонеле за афирмацијата на Охрид и Македонија. Верувам нема охриѓанец, кој не чул за „Ој Зарино прва севдо“, „Бог да бие Русе твојта мајка“ и уште многу музички бисери на нашиот прославен музички состав, чија традиција и препознатлив мелос денес го продолжуваат младите наши сограѓани. Ја изразувам мојата голема почит за основоложниците на „Билјана“ за непроценливото музичко богатство што ни го оставија во наследство, но истовремено и исто толкава почит кон сегашниот состав кој ги продолжува и ги негува традициите на староградската песна и нашето препознатливо културно битисување. На ансамблот „Билјана“ од се’ срце, им посакувам уште многу вакви десетлетни јубилеи, истакна градоначалникот на Охрид Д-р Кирил Пецаков.
Специјални гости на вечерта беа Мартина Костова- Максимовска и Ѓоко Танески.




