Со поднесените 80 амандмани по предлог Програмата за располагање на градежно земјиште сопственост на Република Македонија, советничката на Левица Виолета Аврамоска предлага зголемување на минималната почетна продажна цена за само 12 денари и секој нов амандман со покачување за само 1 денар, вели во објавата на Фејсбук профилот претседателот на Советот на Општина Охрид, Сашо Донев.
Иако советничката знае дека цената ја утврдува Владата, таа свесно сака да ја блокира седницата на Совет со што ќе ја донесе во прашање Одлуката за обезбедување на финансиски средства за организација на Охридскиот пливачки маратон, вели Донев во објавaта.
Додава дека овој е начинот на кој советничката Аврамоска бесрамно, дрско и потценувачки си тера мајтап со граѓаните на Општина Охрид и членовите на Советот.
Инаку, 15-тата Седница на Совет на Општина Охрид треба да се одржи утре на која треба да се донесе и Одлуката за обезбедување на 2.000.000 денари од страна на Општина Охрид за организација на Охридскиот пливачки маратон.
Од Левица Охрид вчера информираа дека амандманите се однесуваат на Предлог- точката со која се предвидува продажба на државно земјиште по 70 ден. за метар квадратен, во месноста Мауцкер.
