Кондомите поскапуваат до 30% – глобален недостиг поради кризата на Блискиот Исток
Цените на кондомите на глобалниот пазар наскоро би можеле да пораснат за 20 до 30 проценти, а во одредени случаи и повеќе, поради сериозни нарушувања во синџирите на снабдување предизвикани од војната на Блискиот Исток.
На ова предупреди малезиската компанија Karex, најголемиот светски производител на кондоми, која годишно произведува над пет милијарди парчиња и снабдува глобални брендови како Durex и Trojan, како и здравствени системи како NHS.
Извршниот директор на компанијата, Го Миа Киут, изјави дека растот на цените е неизбежен, бидејќи трошоците за клучните суровини – синтетичка гума, нитрил, алуминиумска амбалажа и силиконски масла – драстично се зголемиле од почетокот на конфликтот.
Дополнителен притисок создава и зголемената побарувачка, која оваа година пораснала за околу 30 проценти. Во комбинација со транспортни доцнења и поскапа логистика, тоа доведува до намалени залихи на глобално ниво. Испораките кон Европа и САД веќе се одложуваат, а во некои случаи пратките пристигнуваат дури по два месеци.
Од Karex уверуваат дека во моментов има доволно залихи за краткорочен период, но најавуваат зголемување на производството за да одговорат на растечката побарувачка во услови на сè понестабилен глобален пазар.
