HomeАктуелноЛазарова сабота – ден на верата, чудото и народните обичаи пред Цветници

Лазарова сабота – ден на верата, чудото и народните обичаи пред Цветници

Саботата пред Цветници, позната како Лазарова сабота или Лазарица, има посебно значење за православните верници. На овој ден се одбележува чудесното воскресение на четиридневно починатиот Лазар, дело на Исус Христос, кое се случило само неколку дена пред неговото предавство и распнување на Голгота.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Според христијанското предание, Лазар од Витанија починал во сабота, а веќе следниот ден – недела – бил воскреснат од Христос. Токму затоа, во народната традиција, неделата се смета за уште поголем празник.

Во времето кога се случил овој настан, Исус веќе неколку години го ширел своето учење. При неговото доаѓање во Витанија, четири дена по смртта на Лазар, неговите сестри Марта и Марија изразиле тага што не пристигнал порано. Сепак, според преданието, токму преку ова чудо се пројавила Божјата сила.

Пред гробот, Исус го повикал: „Лазаре, излези надвор“, по што Лазар оживеал, на големо изненадување на присутните. Овој настан уште повеќе ја зацврстил верата кај народот и ја зголемил славата на Христос.

По ова чудо, Исус се упатил кон Ерусалим, каде бил свечено пречекан од народот. Влегол во градот јавајќи магаре – симбол на мирот, додека луѓето го поздравувале со гранки и извици „Осана“.

Лазаровото воскресение се смета за најава на Христовото воскресение, но и симбол на општото воскресение на сите луѓе. Овој празник затоа има длабока духовна порака за надеж, вера и живот по смртта.

Со Лазарева сабота се поврзани и богати народни обичаи. Од рано утро, групи девојчиња – лазарки, облечени во традиционални носии, одат низ домовите и пеат лазарски песни, носејќи пораки за здравје, среќа и напредок.

На овој ден именден празнуваат Лазар, Лазарка, Лазо, како и имиња поврзани со цвеќиња и билки, меѓу кои Цветан, Цвета, Лилјана и Калина.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.