Утрово четири земјотреси се регистрирани во морското подрачје југозападно од Санторини, од кои најсилниот бил со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала.
Според податоците на Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, земјотресите се случиле меѓу три и пет часот наутро, а сите четири сеизмички активности биле окарактеризирани како „слаби“, јавуваат грчките медиуми.
Стравувањата од голем земјотрес ги натераа луѓето да бегаат од Санторини додека популарниот грчки остров и натаму го погодуваат потреси. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги повика жителите да останат мирни по засилената сеизмичка активност во областа.
Националниот авиопревозник „Ејџијан“ објави дека го удвоил бројот на летовите од Атина до Санторини во следните два дена, а патничките оператори велат дека „новите летови биле распродадени во секунда“.
Траектните компании исто така кажаа дека воведуваат дополнителни линии поради зголемен интерес за билети.
Грчките власти ги затворија школите до 7 февруари и испратија спасувачки тимови, специјални сили, шатори и дронови на Санторини, а поради стравувањата дека би можел да уследи силен земјотрес, а со тоа и цунами, луѓето се советуваат да ги избегнуваат крајбрежјето и напуштените згради, да ги испразнат базените и да не се собираат во голем број во затворени простори.
