Денеска се одбележува Светскиот ден на животната средина, востановен од Генералното собрание на Обединетите нации во 1972 година, на првиот ден од Конференцијата на ОН за животна средина. Овој значаен ден се одбележува од 1974 година и денес се прославува во повеќе од 140 земји ширум светот.
Светскиот ден на животната средина претставува најголема глобална платформа за подигнување на свеста за заштита на природата и животната средина. Неговата цел е да ги поттикне граѓаните, институциите и компаниите да преземат конкретни активности за зачувување на природните ресурси и создавање поздрава иднина за следните генерации.
Правото на здрава животна средина е загарантирано и со Уставот на Република Северна Македонија. Во член 43 се наведува дека секој човек има право на здрава животна средина, но и должност да придонесува за нејзино унапредување и заштита.
Покрај уставните определби, во државата постојат повеќе законски решенија кои ја регулираат оваа област, меѓу кои се Законот за животна средина, Законот за заштита на природата, Законот за управување со отпадот, Законот за водите, Законот за заштита од бучава во животната средина и Законот за квалитет на амбиентниот воздух.
Современите предизвици, предизвикани од индустрискиот развој, зголеменото производство и потрошувачка, доведуваат до сè поголеми количини отпад и загадување. Затоа е неопходна доследна примена на еколошките стандарди од страна на индустриските капацитети, како и изградба на современи регионални центри за управување со отпадот. Ова прашање е особено актуелно и за нашиот регион, имајќи го предвид долгогодишниот проблем со депонијата „Буково“.
Подигнувањето на еколошката свест мора да биде заедничка цел на локалните и централните власти, но и на секој поединец. Само преку одговорно однесување и заеднички напори можеме да создадеме почиста, поздрава и поодржлива животна средина за сите.
