До вториот круг на локалните избори остануваат уште пет дена, а политичките партии се во завршна фаза на претставување на кандидатите за градоначалници и советници, како и на обезбедување поддршка во општините каде што ќе се гласа в недела, на 2 ноември. Се очекуваат и конечните одлуки за коалициите и меѓупартиските договори.
Изборниот тим на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата вчера беше во Брвеница, каде што лидерот Христијан Мицкоски остро ја критикуваше реториката на кандидатот за градоначалник од коалицијата „Вреди“, Хаќим Рамадани, оценувајќи ја како „голема грешка“ за сите кандидати што влегуваат во вториот круг.
„Таков себичен потег Македонија не видела. Политичар кој мисли само на сопствен интерес, а ги занемарува сите останати кои се борат за градоначалнички мандат“, изјави Мицкоски, додавајќи дека и меѓународните претставници со кои разговарал гледаат со „жалење и неверување“ на ваквата реторика.
Тој најави дека Рамадани ќе биде разрешен од актуелната функција и порача дека поддршката од Владата и од него лично ја имаат сите што работат за иднината на државата, без разлика на етничката, верската или политичката припадност.
Мицкоски исто така ги повика Албанците во Кичево „да размислат добро“ за кого ќе го дадат гласот, по, како што рече, „скандалозните изјави“ на кандидатот Фатмир Дехари.
Во продолжение, тој потврди дека не бара предвремени парламентарни избори, предупредувајќи ги опозициските политичари дека „понекогаш тоа што го посакуваат може и да им се случи“. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека по локалните избори ќе следи партиски конгрес на 6 декември во Кавадарци.
Изборниот карван на ВМРО-ДПМНЕ вчера беше и во Карпош, во поддршка на кандидатот Сотир Лукровски, каде што беше побарана масовна излезност „за крај на бетонизацијата и за промени во општината“.
Во меѓувреме, кандидатот за градоначалник на Центар од движењето ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ, доби јавна и целосна поддршка од коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ за вториот круг, на неформална средба со Мицкоски и кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Актуелниот градоначалник на Центар, Горан Герасимовски, пак, најави проект за целосно хортикултурно уредување на просторот од Зеленото пазарче до улицата „Македонија“, со ново зеленило, осветлување и урбана опрема, кој треба да биде готов до мај 2026 година.
Од СДСМ, пак, најавуваат одлука за коалициски настап до среда.
„Мултиетничкиот карактер на државата мора да остане приоритет. СДСМ до среда ќе одлучи со кого ќе коалицира или ќе поддржи во вториот круг“, изјави лидерот Венко Филипче од штабот во Аеродром, додавајќи дека нивниот кандидат Александар Трајановски влегува во вториот круг со „силна поддршка и јасна визија“.
Филипче најави и кадровски промени во раководството на партијата по завршувањето на локалните избори, како и пријави до институциите за, како што рече, притисоци и понуди за купување гласови во одредени општини.
Рокот за пријавување на болни и немоќни лица за гласање завршува ноќеска, а утре завршува и пријавувањето на лицата во домашен притвор. Тие, заедно со затворениците и старите лица во домовите, ќе гласаат еден ден порано — на 1 ноември.
Првиот круг на локалните избори се одржа на 19 октомври и е завршен во 43 општини, додека постапката ќе се повтори во Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, поради недоволна излезеност.
