Министерството за образование и наука информира дека од 26 до 31 август трае рокот за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2026/2027 година.
На јавниот повик треба да се пријават сите студенти – и бруцошите и студентите од повисоките години – доколку сакаат да го остварат правото на субвенциониран студентски оброк, кој ќе може да се користи од 1 октомври 2026 година.
Аплицирањето се врши електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, а право на пријавување имаат редовните студенти запишани на прв или втор циклус студии, како и на интегрирани студии на јавните и приватните универзитети во државата.
Услов е апликантите да се државјани на Република Северна Македонија и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во тековната година.
При аплицирањето, студентите задолжително треба да ги прикачат пополнетите и потпишани образци „Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк“ и „Изјава за точност на внесените податоци“.
Останатите докази за исполнување на условите Министерството за образование и наука ги обезбедува по службена должност од надлежните институции, меѓу кои МВР, УЈП и студентските служби на факултетите.
Финансиската поддршка изнесува 140 денари дневно и е наменета за купување храна. Студентите може да ја користат од понеделник до сабота кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.
Исплатите ќе се реализираат преку Шпаркасе банка АД Скопје. Студентите кои ќе го остварат правото ќе бидат известени електронски и ќе треба да потпишат договор со банката за отворање посебна сметка поврзана со наменска платежна картичка.
Од МОН посочуваат дека од октомври ќе биде отворена можност за дополнително аплицирање во периодот од 1 до 5 во секој месец. Ова ќе важи за студентите кои не го оствариле правото со јавниот повик или на кои правото им престанало поради неисполнување на некој од критериумите, доколку повторно ги исполнуваат условите.
Студентите на кои им е потребна помош при аплицирањето можат да се обратат до Секторот за ученички и студентски стандард на e-mail адресата subvencioniran.obrok@mon.gov.mk.
Повеќе информации за условите и начинот на аплицирање се достапни во јавниот повик на Министерството за образование и наука.
