Претседателот Стево Пендаровски, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Северна Македонија.
Почитувани сограѓани,
„Нека ни е честит 11 Oктомври – Денот на народното востание.
Денес после 81 година од почетокот на антифашистичката борба која ни донесе слобода и македонска држава, заедно со целото човештво сме исправени пред нови искушенија. Покрај сите здравствени, економски, безбедносни и енергетски проблеми, ние се сочуваме и со длабока поделеност во македонското општество. Како што излегувајќи во партизани, зад слободарскиот бајрак, застанаа левичари и десничари, Македонци и припадници на останатите националности, селани, работници, еснафи и поимотни, така и сега треба да се сплотиме и заеднички да се соочиме со проблемите.
11 октомври и антифашистичката борба нека ни бидат инспирација за надминување на поделбите и национално помирување преку меѓусебна почит.
Да ги оставиме личните интереси и суетите на страна и да работиме за општото добро, благословени со можноста да живееме во слобода и мир, во сопствена држава“.
Честитка испрати и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, тој со честитка објава на социјалните мрежи го честиташе Денота на народното востание – 11 Октомври.
„Нека ни е честит и вековит Денот на народното востание, 11 Октомври.
Денес го чествуваме почетокот на антифашистичкото востание и на Народноослободителната борба кога 1941-та, нашите херои, борците од НОБ, храбро и обединето ја избраа вистинската страна, страната на слободата, на правдата, на целокупното прогресивно човештво, на напредокот и конечно се изборија за слободарскиот идеал и мир.
Победничкото антифашистичко народноослободително движење, на првото заседание на АСНОМ го официјализира и идеалот за македонската држава и ние како граѓани, сме и мораме да бидеме вечно благодарни!
Го продолжуваме нивниот пат во истата насока, избирајќи го напредокот и мирот на државата и создавајќи подобар живот за сегашните и идните генерации.
Обединети, на вистинската страна продолжуваме напред! Нашите најголеми победи како во минатото, да ги направиме најголеми успеси во сегашноста и иднината.
Да живее Денот на народното востание 11 Октомври, да живеат граѓаните, да живее Република Северна Македонија!”, стои во објавата на ФБ страницата на премиерот Ковачевски.
