Ј.П. „Билјанини Извори“ воведе нов софтверски систем за управување со паркирањето, со кој на граѓаните и посетителите им се овозможува побрзо, поедноставно и целосно онлајн користење на паркинг-услугите.
Со новото решение, корисниците можат да купуваат и продолжуваат месечни билети преку интернет, без потреба од доаѓање во просториите на претпријатието и без плаќање во готово.
Новите месечни билети се целосно виртуелни и се поврзуваат директно со регистарската ознака на возилото, со што се елиминира потребата од хартиени билети, налепници и нивно поставување во возилото.
Системот носи олеснувања и за странските туристи. Преку QR-кодови поставени на паркинзите, посетителите можат директно да пристапат до платформата за онлајн плаќање и брзо да ја завршат постапката со платежна картичка.
Од претпријатието информираат дека новиот систем овозможува онлајн купување и продолжување на месечни билети, виртуелни билети поврзани со регистарски таблички, плаќање со картичка, поефикасна контрола на паркирањето, како и намалување на административните процедури и чекањето во редици.
Со воведувањето на новиот софтвер се стремиме кон постепено намалување на физичката наплата и поголема примена на современите безготовински начини на плаќање. Целта е да обезбедиме побрза, посигурна и потранспарентна услуга достапна во секое време и од која било локација, велат од Ј.П. „Билјанини Извори“.
Со оваа дигитална новина, претпријатието продолжува со модернизација на паркинг-услугите во Охрид, со цел да понуди поедноставен, подостапен и поефикасен систем за сите корисници.
Паркирањето во Охрид отсега станува побрзо и полесно – само со неколку клика.
