Невреме се приближува: УХМР предупредува на пороен дожд, силен ветер и можен град
Утре и во среда Македонија ќе биде под влијание на циклонска активност со центар во Турција, што ќе донесе нестабилно време со дожд, грмежи и засилен ветер, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Според прогнозите, локално временските процеси ќе бидат поинтензивни, проследени со пообилен пороен дожд, силен ветер и појава на град.
Во четврток ќе има изолирана нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи, додека од петок следува стабилизација на времето. Се очекува претежно сончево и потопло време, а дневните температури насекаде да надминат 30 степени.
Во Скопје, иако ќе се задржи топло време, во попладневните часови во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со дожд, грмежи и засилен северен ветер, а локално се можни и краткотрајни невремиња.
Од УХМР апелираат граѓаните да бидат внимателни при појава на електрични празнења, да избегнуваат престој на отворен простор и да не се засолнуваат под осамени дрвја.
По краткотрајното влошување, од крајот на неделата повторно ќе следува вистинско летно време со високи температури.
