Бадник се прославува ден пред Божик и претставува последен и најстрог ден на божикниот пост, како и голема среќа, бидејќи претходи на денот на Исусовото раѓање. Еве какви се обичаите на Бадник и Божик.
Бадник
Бадник името го добил по гранка од даб – бадник која се сече на тој ден, се внесува дома и се пали. Постојат разни обичаи кои се поврзуваат за овој ден, малку од нив се одржале до денес. Можеби во некои зафрлени делови на Србија, домаќините се уште во рана зора и со пушки одат да сечат бадник, кој потоа до вечерта го чуваат покрај куќата, пред да го внесат и стават на огништето. Денес обичаите се прилагодени на времето во кое живееме, па бадникот најчесто се купува на пазар навечер или на самото утро на Божик, се носи дома и се става покрај икона. Трпезата на Бадник е исклучиво посна и најчесто се подготвуваат риба, подварок или грав, со салата од зелка или компир. Во некои краеви на Србија, за ручек се пие и чаша црно вино со семе од дрен, за среќа и радост во текот на цела година. Средината на масата, традиционално се украсува со плетена кошница полна со житарици и сушено овошје. Обичајот за сечењето на бадното лепче се поврзува со витлеемските пастири. Тие, на знакот на Ѕвездата дека се родил Исус Христос Спасителот, насекле гранки од бадник и ги однеле во пештерата да запалат оган и да го стоплат бебето Исус и неговата мајка.
Вечерта на Бадник
Вечерта на Бадник, домаќинот на куќата со синовите ги внесува бадникот, сламата и печеницата. Сламата се посипува низ цела куќа, а посебно таму каде што се служи вечера. Бадникот се поставува на огништето и се пали, потоа се пали и свеќа и домашните едни на други си го честитаат празникот, читаат молитва, а потоа се почнува со вечерата која е посна и се ужива во семејниот мир. Се верува дека на овој ден или оваа вечер треба да се врати се што е позајмено и да се смириме со сите со кои сме се расправале, за целата наредна година да помине во мир и слога. Во градовите обичајот е изменет, па така не е необично да се видат многу луѓе собрани крај црквените порти како заеднички палат бадник, се веселат и пеат православни песни.
Божик
Божик е највесел православен празник со кој се слави раѓањето на Исус Христос и се слави три дена. Божикното утро почнува така што во рана зора се слушаат ѕвона од сите православни цркви и храмови; во некои делови на Србија домаќините пукаат од пушки и пиштоли; се облекува свечена облека и се оди во црква на Божикна литургија; луѓето се поздравуваат и отпоздравуваат со зборовите Христос се роди и Вајстина се роди. Меѓутоа, во градовите, состојбата е малку поинаква и многу граѓани литургијата ја гледаат на ТВ екраните. Обичај е првиот човек што ќе ни влезе дома на Божик да е положајник, пријател на куќата кој треба на домот и домашните да донесе здравје, среќа, благосостојба и мир. Симболично, положајникот ги претставува тројцата мудреци кои ја следеле ѕвездата од Исток и кој родениот Исус го дарувале со темјан, злато и мириси. По тој повод, постојат многу ритуали кои положајникот ги прави – ја отвора вратата од печката или шпоретот, го распалува огнот изговорувајќи ја бројаницата: – Колку искри толку среќа, колку искри толку пари… привикувајќи така благосостојба за домот во кој дошол. Потоа, домаќинката на куќата го дарува со соодветен подарок. Во раното божикно утро, домаќинката меси погача, во која става паричка, од озгора се боцка со гранче од бадник и се пече. Порано во погачите се ставало и семе од дрен, за здравје, семе од грав, пченка, пченица и делови од бадникот. Погачата претставува дел од прославата на Божик и кога е печена се поставува на трпезата, се врти како колач, се полива со вино и на крај се крши на толку делови колку што има членови дома. Се верува дека на тој што ќе му падне паричката ќе биде среќен во текот на целата година. По кршењето, следува честитање на празникот и ручек, кој е прв мрсен оброк по долгиот пост.
Бадник и Божик во Македонија
Во македонскиот Бадник и Божиќ со векови има мистика, традицијата, паганизам, културен култ…
Бадник или Коледе се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6. јануари секоја година, а Божиќ на 7. јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден – Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.
Традиционално, Бадник се прославува кај сите христијани, но црквите кои го користат Грегоријанскиот календар го прославуваат на 24. декември. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, осбоено поврзани со Бадниковата вечера.
Етимологија
Зборот Бадник веројадно доаѓа од старомакедонскиот збор – да бидеш буден. Таа ноќ, како што запишал Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник“. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето, будноста покрај обредниот оган.
Историја
Истражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткоденица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради Сонцето, туку поради оној што го создал Сонцето“.
Обичаи
Бадник е празник кој се прославува во кругот на семејството, со посна но, свечена вечера и прераскажување на библиски приказни.
Во Македонија
Традиционално, во Македонија семјството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани, или во некои места, духовите на мртвите.
На Бадник во секоја куќа се меси кравјаче, пита или погача во која се става пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравјачето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравјачето ја бараат парата, и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои.
Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледица. И денес како и во минатото и во селата и во градовите во сите краишта на Македонија помали или поголеми групи деца палат оган и го прескокаат.
Рано изутрината на Бадник, децата пеат и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др.
Една од најпеаните песни што и сега се пее во овие случаи „Коледе леде“ ја среќаваме и во запис на Г. Бојаџиев, обjaвена во 1893:
Коледе, леде!
паднало греде,
утепало деде.
Дедо се мачи,
баба го квачи,
со четири јајца
гускини, паткини!
О. О. коледе!
Обичаите што се изведуваат на Бадник и Божиќ се разликуваат од регион до регион, па дури и од село до село, но она што е заедничко секако се богатата софра, што се подготвува на Бадник навечер, коледниот оган и бадниковото дрво, како и коледарските песни.
За Бадник трпезата секогаш е посна, но исклучително богата ( посна сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и сл.) Пред да започнат домашните да вечераат, домаќинот го отворал прозорецот и го поканувал Дедо Боже на вечера со зборовите:
“Повели Дедо Боже да вечераме”. Во некои места софрата се изнесувала во дворот и оттука се упатувала поканата кон Дедо Боже. Обичај е по вечерата софрата да не се крева. Храната останувае цела ноќ, а во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божиќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани.
На Бадник во секоја куќа се меси обредно лепче со пара, познато како кравајче во кое се става сребрена пара. Кога сите ќе седнат на вечера домаќинот откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравајчето ја бараат парата, и оној што ќе ја најдел парата ја ставал во чаша со вино од која сите пијат за здравје и среќа. На оној што ќе му падне парата се верува дека годината ќе му донесе многу среќа, радост, успех и богатство.
Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган, како и со горењето на бадниковото дрво. Најчесто се гори пенушка од даб. Таа ноќ, како што запишал Кузман Шапкарев, “сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: “Бадник – будник”.
На Бадник и Божиќ се изведуваат и повеќе други обичаи, како што се сечењето и горењето на дрвото “Бадник” коледарските огнови и многуте песни што се пеат крај нив.
Децата утрото на Бадник ги посетуваат куќите каде што пеат песни, го најавуваат и го честитаат големиот празник “денеска е Коледе, утре е Божик” за што добиваат дарови (овошје, бомбони, пари итн.)
Со Божиќ е поврзана и поговорката: “Пред Божиќ зад Божиќ кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божиќ се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат.
Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо.
На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село.
Божиќ, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.
Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божиќ, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан. Од Божиќ почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат се до пред Водици, денот кога Исус бил крстен.
Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето.
Затоа од Божиќ до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
