Во емисијата „10 Минути“ вечерва гостуваше министерот за образование, Јетон Шаќири, каде меѓу другото зборуваше и за распределбата на учебниците.
Вели дека досега се поделени над 240.000 учебници, а до следната недела, како што вели, оваа бројка ќе достигне до над 270.000 учебници за учениците од основното образование.
Потоа ни останува уште мал процент на книги за дистрибуција, додаде Шаќири.
А што се однесува до првите грешки кои почнаа да се објавуваат на социјалните мрежи, како онаа за врвот Монт Еверест за кој пишува дека е висок преку 29.000, а всушност е 8.849 метри, министерот за образование не ја исклучува можноста и во новите учебници да има грешки, објаснувајќи дека една книга пред да биде објавена, поминува низ неколку раце, како што се рецензенти и неодамна формираниот Национален совет.
„Не значи дека и овие што сега се пуштени во оптек немаат недостатоци, но во фазите на одобрување на учебникот, рецензентите и Националниот совет се тие кои го одобруваат учебникот. Јас како министер верувам и вие знаете дека неколкупати јавно апелирав, не само за овие, бидејќи и во министерството пристигнуваат пријави. Веќе повлековме учебник по социологија…“, вели Шаќири.
Актерот Рубенс Муратовски, на социјалните мрежи реагира за учебникот по географија во кој погрешно се наведуваат соседите на Република Македонија. Во овој учебник се наведува дека на исток Македонија се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија.
Претходно и учебникот по Историја и општество за петто одделение, чии автори се Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, а издавач е МОН, предизвика бројни реакции од родители.
Како една од грешките што може да се најдат во овој учебник е во Тема 2 – „Населението и за континентите“, каде што пишува дека највисокиот врв на светот, Монт Еверест на Хималаите, е висок 29.305 метри, а во реалноста врвот е висок 8.849 метри.
