Министерството за јавна администрација ја одбележа важноста на јавната служба и јавните службеници преку организирање на свечена конференција по повод Денот на јавните службеници и јавната служба. Настанот се одржа во присуство на високи владини претставници и меѓународни партнери, при што беше истакната клучната улога на јавната администрација во градењето на функционална, праведна и достоинствена држава.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во своето обраќање порача:
„Јавната администрација не е бирократија – таа е крвотокот на државата. Јавниот службеник е лицето на државата – лицето на грижа, на правичност и на надеж“.
Тој подвлече дека новата Влада применува поинаков пристап кон реформите во јавната администрација, нагласувајќи дека уште во првиот месец од мандатот се повлечени и преработени клучни реформски закони. Законотите се подготвени и усвоени низ транспарентен и инклузивен процес, со што се поставуваат нови стандарди во креирањето на јавните политики.
Минчев им упати силна порака на јавните службеници:
„Вие не сте сенка во системот – вие сте неговото светло. Ќе продолжиме да се бориме за систем во кој се вреднува трудот, а не партиската книшка. За јавна администрација која ќе биде столб на европска Македонија.“
Настанот беше збогатен со обраќања на Претседателот на Владата на Република Македонија, Проф. д-р Христијан Мицкоски, Заменик-претседателот на Владата, г. Арбен Фетаи, како и заменик шефот на мисијата во Амбасадата на Обединетото Кралство, Н.Е. Даниел Фиелер.
Министерството за јавна администрација со оваа конференција уште еднаш го потврди својот стратешки фокус – да биде носител на реформите, двигател на модернизацијата и гарант за департизирана, транспарентна и професионална администрациja.
