Во пресрет на државниот празник 8-ми Септември – Денот на независноста, денеска свечено беше пуштен во употреба делот од автопатската делница Кичево – Охрид, на потегот Климештани – Охрид, во должина од 17 километри, во близина на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на настанот, истакна дека овој инфраструктурен проект е силен доказ дека Македонија се движи напред и дека се надминуваат долгогодишните застои во изградбата.
Автопатот Кичево – Охрид е од стратешко значење за нашата земја. Тој е главна артерија за поврзување на југозападна Македонија со остатокот од државата и со Охрид – град кој е не само наш туристички бисер, туку и светско културно наследство. Со овој автопат целиот регион добива нова енергија за развој, нови шанси за туризмот и нова перспектива за економијата, рече премиерот.
Тој нагласи дека со новата делница ќе се скрати времето на патување, ќе се олесни транспортот на стоки и услуги и ќе се отворат можности за нови инвестиции и работни места.
Мицкоски потсети дека автопатот Кичево – Охрид речиси една деценија бил симбол на застој и недовршени работи, што предизвикувало разочараност кај граѓаните. „Денес ја менуваме таа слика. Таму каде што имаше застој – има решение, таму каде што имаше недоверба – има резултати,“ подвлече тој.
Во изминатава година и половина, според премиерот, Владата ги ставила во употреба делниците Градско – Фариш (25,7 км), Страцин – Крива Паланка (25,5 км) и Врбјани – Ботун (околу 20 км).
Ова е нашата визија – Македонија на дела, не на изговори. Ќе продолжиме да градиме, да завршуваме почнати работи и да отвораме нови перспективи за секој регион и секој граѓанин, истакна Мицкоски.
Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, со голема радост и гордост посочи дека овој ден е значаен за целиот регион.
Во пресрет на 8-ми Септември – Денот на независноста на нашата татковина, сведоци сме на важен момент за инфраструктурниот развој на овој регион, а тоа е пуштањето во употреба на уште еден дел од автопатската делница Кичево – Охрид. Со овој симболичен настан испраќаме јасна порака дека преку конкретни дела ја градиме иднината на Македонија, истакна Пецаков.
Тој додаде дека овој чекор е дополнителна мотивација да се продолжи со уште поголема решителност и одговорност кон конечната цел – воспоставување на сообраќај по целата должина на автопатот.
Почитувани, 8-ми септември не е само историски датум, тој е и наша обврска – да градиме држава која ќе обезбеди подобар живот за своите граѓани. Со вакви дела ја исполнуваме таа обврска и создаваме подобри услови за нас и за новите генерации кои доаѓаат. Посакувам секој нов километар асфалт поставен тука да донесе развој, поврзаност и просперитет за целиот Југозападен регион. Нека е честит и вековит празникот, нека е вечна Македонија, порача градоначалникот Пецаков.
