Во Предлог-буџетот за 2024 година се проектирани средства за исплата на повисоките плати за вработените во јавната администрација, за исплата на повисоки пензии согласно утврденото системско решение, но нема да има повисоки плати за функционерите. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју во Централниот дневник на МРТ.

Кај пензиите воспоставивме системско решение кое гарантира раст на пензиите. И пензионерите ќе го добијат во 2024 година она што следува согласно Закон, односно усогласување согласно растот на просечната плата и растот на трошоците на живот, односно инфлацијата, наведе министерот за финансии.
Се осврна и на Програмата за претпазливост и ликвидност од ММФ која, како што рече, имаше позитивно влијание врз кредитниот рејтинг на земјата. Досега се искористени 100 милиони евра и во процес на одобрување е нова транша од 160 милиони евра. Тоа се средства, како што посочи министерот, кои овозможија финансирање со пониски трошоци и заштеда од 30 милиони евра годишно само по основ на камати.
