Сите студенти до 29 години – без разлика дали студираат на приватен или државен факултет, како и дали се редовни или вонредни – можат да аплицираат за ваучер во износ од 250 евра до 20 декември. Ваучерот, кој го доделува Владата, може да се искористи за набавка на компјутер, лаптоп или таблет до крајот на годината. Од Министерството за дигитална трансформација велат дека интересот е огромен. Само во првиот ден пристигнале над 17 илјади барања.
„Од вчера до денеска барање поднеле и веќе добиле ваучер 17.400 студенти, од кои 1.600 веќе го искористиле и купиле електронски уред. Постапката е навистина едноставна – без одење на шалтер и без губење време. Студентите можат да аплицираат и меѓу две предавања од амфитеатар,“ изјави Љупчо Ристески од Министерството за дигитална трансформација.
Аплицирањето се врши преку порталот услуги.гов.мк, а единствен услов е студентите да имаат активиран кориснички профил. Доколку цената на компјутерот ја надминува вредноста од 15.000 денари, студентите можат да доплатат.
„Можат и на рати да купат или да доплатат кај економскиот оператор. Ова е одличен модел и за државата, и за приватниот сектор, и за родителите,“ додаде Ристески.
За оваа мерка Владата издвојува над 13 милиони евра од буџетот, а надзорот врз спроведувањето ќе го врши Државниот пазарен инспекторат.
