HomeАктуелноГрадоначалникот Пецаков со амбасадорот на ЕУ Рокас: Поддршка за „Ohrid Go“ и идни урбани проекти во поранешната касарна

Градоначалникот Пецаков со амбасадорот на ЕУ Рокас: Поддршка за „Ohrid Go“ и идни урбани проекти во поранешната касарна

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, денес оствари работна средба со амбасадорот на Европската Унија, Н.Е. Михалис Рокас, кој за првпат од неговото именување е во официјална посета на Охрид.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Средбата беше посветена на дискусија за повеќе важни теми поврзани со развојот на општината, а посебен акцент беше ставен на реализацијата на проектот „Ohrid Go“, финансиран од Европската Унија. Станува збор за значаен проект што се реализира во рамки на просторот од поранешната касарна, кој Општина Охрид го трансформира во модерен урбан и зелен простор.

Амбасадорот Рокас изрази поддршка за напорите на Општина Охрид и упати честитки за успешната адаптација на поранешниот касарнен простор – нешто што ретко која општина го направила, истакнувајќи ја важноста на урбаната трансформација и зелените иницијативи.

Градоначалникот Пецаков го запозна амбасадорот со идните проекти што се планираат на истиот простор, вклучително и можноста за дополнителна поддршка од ЕУ за нивна реализација. Проектот „Ohrid Go“ вклучува повеќе компоненти како: намалување на CO₂ отпечаток преку воведување на електрични возила и велосипеди, зелен систем на урбана мобилност, адреналински парк, Pump Track патека, како и Smart Ideas Hub – старт-ап центар за поттикнување на локалната економија базирана на знаење.

Амбасадорот Рокас ја поздрави иновативноста и одржливоста на овие решенија и посочи дека Охрид е добар пример за спој на културно наследство и современо, одговорно управување. Тој упати и честитки за финансиската стабилност на општината и доброто менаџирање во изминатите години, што, како што нагласи, ќе биде од клучна важност при идно аплицирање за ЕУ фондови.

На средбата се разговараше и за туризмот, како стратешка гранка за општината, тековните инфраструктурни проекти и темата за статусот на Охрид како светско наследство на УНЕСКО. Амбасадорот ја изрази својата поддршка за напорите кои Општина Охрид ги прави во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО и зачувување на исклучителната вредност на регионот.

Состанокот помина во конструктивна атмосфера, со заемна заложба за продлабочување на соработката помеѓу Општина Охрид и Европската Унија во иднина.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.