Во Делчево на пригодна свеченост организирана од oпштината, одбележани 119 години од Илинденското востание и 78 години од Првото заседание на АСНОМ, каде се удрени темелите на македонската држава.
Пред споменикот на великанот Гоце Делчев, во центарот на градот преку рефератот за споменот и оставнината на борците за слобода од Илинденското востание 1903, подготвен од играорците од КУД „Гоце Делчев“ од Делчево беше потенцирано значењето и улогата на Илинденското востание во 1903 година во развојот на револуционерната мисла и борбата и аманетот на храбрите илинденци.
Чествувањето продолжи пред споменикот на паднатите борци од НОВ, каде за значењето и улогата на Првото заседание на АСНОМ во 1944 г, пригоден реферат исто така прочитаа членови на КУД „Гоце Делчев“.
Во рамки на одбележувањето, пред двете спомен-обележја во градот, свежо цвеќе положија делегација на Општина Делчево, претставници на Советот на Општина Делчево, претставници од политички партии, јавни институции, здруженија на граѓани.
Претходно во самостојна организација со положување цвеќе и читање поезија денешниот значаен датум пред двата споменика го одбележаа и членови на ОК ВМРО ДПМНЕ Делчево.
Традиционално, чествувањето на Илинден продолжува со културно-уметничка програма и граѓански собир во манастирот „Свети Илија“ во село Ѕвегор.
