HomeАктуелноДенес е Свети Никола – најпразнуваната домашна слава во Македонија

Денес е Свети Никола – најпразнуваната домашна слава во Македонија

Свети Никола е еден од најголемите и најпочитувани православни празници во Македонија, а како домашна слава го одбележува речиси секое второ семејство. Празникот се слави со посна трпеза и е симбол на верата, милосрдието и заштитата, особено на морињата и морепловците.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Православните христијани во Македонија го празнуваат Свети Никола на 19 декември, а заедно со Митровден и Пресвета Богородица, тој спаѓа меѓу трите најмасовни домашни слави во земјава. Освен како слава, празникот често се одбележува и како именден.

Вечерта спроти празникот, многу семејства подготвуваат богата посна трпеза, на која традиционално се застапени риба, посен грав и посни сарми. Свети Никола е најпразнуваниот светец, а неговиот култ е длабоко вкоренет во македонската традиција. Во земјава и ширум светот постојат бројни цркви, манастири, икони и фрески посветени на овој светец.

Свети Никола живеел во 4 век и бил роден во градот Патара, на територијата на денешна Турција. По смртта на неговите родители за време на голема епидемија, целото наследство го разделил на сиромашните. Подоцна бил избран за архиепископ мирликиски и учествувал на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година.

Свети Никола починал на 19 декември 343 година. Неговите мошти најпрвин биле погребани во Мир, а во 11 век биле пренесени во Бари, Италија. Христијаните веруваат дека тој на многу пати спасувал бродови од сигурна пропаст, поради што се смета за заштитник на морепловците, рибарите и патниците.

Во народната традиција се пренесуваат бројни преданија за неговата добрина и чудотворна моќ. Едно од нив раскажува дека поради неговите добри дела, Бог му дарувал два празника во годината. Во црковниот календар, Свети Никола се празнува на 6 декември според Јулијанскиот, односно на 19 декември според Грегоријанскиот календар.

На овој ден, според верувањата, строго не се работи и не се јаде мрсна храна. Исто така, се смета дека не треба да се потсетува никого на долгови или да му се отежнува положбата. Вообичаено е да се носат подароци на оние кои ја слават славата, а домаќините, пак, да не ги испраќаат гостите со празни раце, туку со симболичен дар.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.