Преподобниот маченик Дометиј
Роден е во Персија како незнабожец, во времето на царот Константин. Како момче се запозна со верата Христова, го остави незнабоштвото и се крсти. Толку ја засака вистинската вера, што напушти сè светско и се замонаши во еден манастир кај градот Нисивија. Во братството поживеа некое време, па се оддалечи на безмолвие кај некој архимандрит Нурвел, за кого се вели дека шеесет години не јадел ништо варено. Старецот Нурвел го ракоположи за ѓакон, а кога сакаше да го принуди и во чин на свештеник, Дометиј побегна во некоја пустинска гора и се насели во една пештера. Достигна толкаво совршенство низ постот, молитвата, бдението и богомислието, што исцелуваше болни. Кога во тие предели дојде Јулијан Отстапник, слушна за Дометиј, па испрати луѓе коишто го заѕидаа жив во пештерата заедно со неговите двајца ученици. Така заврши овој Божји светител, во 363 година, и се пресели во Божјото Царство.
Преподобен Антониј оптински
Антониј (Путилов), игумен, (1795-1865) – брат и соподвижник на архимандритот Мојсеј, смирен подвижник и молитвеник кој през целиот свој живот трпеливо и мажествено го носеше крстот на телесните болести. Беше духовен раководител на скитот 14 години. Пишаните поуки на старецот се прекрасен плод на отечка љубов и дар на поучително слово.
Преподобен Пимен Многуболезнен
Од малечок болежлив и од малечок желен за монашки живот. Во Печерската лавра го донесоа заради исцеление, а тој остана таму до смртта. Повеќе Му се молеше на Бога за болест одошто за здравје. Ноќе му се јавија Ангели и го потстрижаа за монах. Тогаш му рекоа дека ќе боледува до смртта и дека пред да умре ќе оздрави. Така и стана. Дваесет години лежеше на постела. Правеше големи чуда за време на животот и беше голем прозорливец. Пред смртта стана од постелата наполно здрав и веднаш почна да си подготвува гроб. Се упокои во Господа во 1110 година.
