HomeАктуелноДенес се слави празникот Благовец

Денес се слави празникот Благовец

Денес, 7. април, се слави празникот Благовештение на пресвета Богородица – Благовец, ден посветен на новозаветниот настан кога архангел Гаврил ѝ се јави на Богородица и објави дека преку Светиот Дух ќе добие дете, односно Исус Христос. Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, (или на 25 март според стариот) календар. Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец, Блошчојне…

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Ова е празник на Пресвета Богородица, а со тоа е и денот на мајките, затоа што Богородица е заштитничка на сите мајки кои зачнале и станале мајки.

Во христијанското предание е запишано дека кога Пресветата Дева наврши единаесет години пребивање и служење во ерусалимскиот храм и четиринаест од раѓањето – значи кога стапи во петнаесеттата година од животот – свештениците и соопштија дека според Законот повеќе не може да остане при храмот, туку треба да пристапи кон веридба и брак. Одговорот на Пресветата Дева беше големо изненадување за тамошните свештеници. Изјави дека таа себеси Му се посветила на Бога и не сака да стапува во брак со никого. По Божја Промисла и вдахновение тогаш првосвештеникот Захарија, татко на свети Јован Крстител, се договори со другите свештеници, собра дванаесет вдовци од Давидовото племе за да пронајдат еден на когошто би му ја довериле Дева Марија како на оној кој ќе ја чува нејзината девственост и ќе се грижи за неа. Му ја доверија на стариот Јосиф од Назарет, којшто ѝ беше роднина.

Во домот Јосифов Пресветата Дева продолжи да живее исто како во Соломоновиот храм, минувајќи го времето во читање на Светото Писмо, во богомислие и ракоделие. Од дома не излегуваше речиси никогаш, ниту се интересираше за светските работи и настани. Малку зборуваше со кој било и никогаш без особена потреба. Најчесто општеше со ќерките на Јосиф. Но, кога се исполни времето означено со пророштвото на Даниил и кога Бог благоволи да го исполни ветувањето што му го даде на прогонетиот Адам и на Пророците, на Пресветата Дева ѝ се јави во одајата великиот архангел Гавриил, а некои свештеници пишуваа дека во оној миг таа го имала пред себе отворено пророштвото на Исаија кој вели: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син!“ Гавриил ѝ се јави во архангелска светлина и ѝ рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе!“ И сè друго, како што пишува во Евангелието на Божествениот Лука. Со оваа архангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата Дева, започна спасението на луѓето и обновата на созданието.

Празникот Свето Благовештение се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица…

На овој ден се покажува особена сострадалност и помош кон сирачињата, кон бедните и кон унесреќените. Оние кои сакаат да имаат деца да одат во црквите и манастирите, кај иконите посветени на Благовештение и да се помолат.

Според народните верувања овој ден е благ, па и раната не боли, па затоа на малите деца им ги дупат ушите за обетки. Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. За овој празник се поврзуваат различни обичаи, но најважно е да пронајдете внатрешен мир, да се радувате и да бидете во хармонија со себе – со светлата страна на вашето битие.

Благовец во основа значи да се радуваме на прекрасни вести и на овој ден треба да научиме да се радуваме на сè што ни носи животот. Овој ден нè потсетува и на тоа зошто е важно да бидеме благи луѓе – оние кои сакаат со срцето и им се враќа со срце. Денес е голем ден за сите оние луѓе кои и по неволји, препреки, порази, несреќи, не ја изгубиле вербата и способноста да се радуваат, туку секогаш успевале да ја вратат смиреноста. Тоа се постигнува со постојана работа на себе.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.