По двегодишна пауза, скопјани конечно ќе ги добијат субвенциите за инвертер клима-уреди. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски доцна вечерва ги потпиша решенијата за исплата, согласно Јавниот повик на кој аплицираа жителите на Град Скопје.
Ги потпишав решенијата за исплата на субвенциите. Со оваа мерка ги поддржуваме домаќинствата кои инвестирале во високо ефикасни инвертер клима-уреди во 2025 година. Овие уреди носат пониски трошоци, поголема енергетска ефикасност и подобри услови за живеење. Со нивното користење, правиме чекор напред кон почиста животна средина и пониски емисии, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Градот ќе надомести до 20.000 денари од трошоците за набавка на уредот по домаќинство, во нето износ, а данокот на личен доход целосно ќе го покрие Градот.
Ѓорѓиевски најави дека во следниот период ќе продолжат нови јавни повици за субвенции со цел олеснување на секојдневието на граѓаните и подобрување на квалитетот на живеење во Скопје.
