Православните верници денеска ја одбележуваат задушница, Ден за помен на починатите.

created by InCollage
Според традицијата, се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен и почит за починатите. На овој ден се дава милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души. Се верува дека е голем грев ако на Задушница некој на гроб одбие да земе храна или пак избрка туѓинец од гробот. Се раздаваат месени или сукани јадења.
Се верува и дека свеќата запалена на овој ден гори се’ до следната Задушница. Исто така постои верување дека ако на Задушница не се запали свеќа, мртвите една година ќе бидат во мрак. Според верувањата на Задушница не се работи, чисти и пере, не се работи ништо со волна, а не треба да се користат ниту ножици и игли.
Задушница секогаш паѓа во сабота, бидејќи Исус Христос тој ден, спроти воскреснувањето во недела, го поминал упокоен. Задушница е ден кога православните верници ги посетуваат гробовите на најблиските, даваат помен и палат свеќа. Сеќавајќи се на покојните предци, верниците на овој ден се молат на Бог за простување на гревовите и за предците.
Православната црква во текот на годината одбележува четири задушници, есенски, летни кои што се споени со Духови, спроти големиот велигденски пост и зимски. Во црквата се служи парастос, а по службата се посетуваат гробовите на најблиските, каде што се пали свеќа и се чита молитва.
