„Зимата на векот“ нема да се случи: Прогнозите најавуваат потопла, но поснежна сезона
Во последните недели бројни медиуми најавуваат дека пред нас е „зимата на векот“ или најстудената зима досега. Но, според најновите прогностички модели, таквите тврдења не се поткрепени со факти. Анализите покажуваат дека зимата 2025/2026 ќе биде потопла за еден до два степени во однос на 30-годишниот просек.
Иако оваа сезона ќе биде под влијание на климатолошкиот феномен Ла Ниња, кој носи поладни услови над Пацификот, не се очекуваат екстремни студови. Можно е зимата да биде нешто постудена од последните неколку години, но далеку од тоа да биде „најладната досега“.
Сепак, Ла Ниња ќе донесе повеќе врнежи – и дожд и снег. Очекувањата се дека оваа зима ќе биде поснежна, со поголем број снежни денови, особено во планинските региони, повисоките населени места и скијачките центри. Повремени појаки студени бранови се можни, но тие не се ништо невообичаено за Македонија и Балканот. Затоа, метеоролозите апелираат дека нема место за паника или сензационализам.
Според анализите, условите за снег се зголемени и во Скопската котлина. Градот и неговата околина оваа година може да очекуваат повеќе денови со снежни врнежи и повремено задржување на снежната покривка.
Од метеоролошките служби потсетуваат дека сезонските прогнози служат само како ориентациски преглед на можниот развој на времето. Бидејќи станува збор за долгорочни анализи, можни се промени. Затоа се препорачува граѓаните редовно да ги следат дневните и краткорочните метео анализи, кои имаат над 90% сигурност и поголема точност.
Прогнозата е спроведена од страна на еден од најдобрите македонски метео прогнозери, Славчо Попоски.
