Самостојната изложба насловена „Високо во ничија земја” на охридскиот ликовен уметник Сашо Блажес ќе биде отворена на 25 октомври 2022 година (вторник), во 20 часот, во НУ Национална галерија, во објектот Чифте амам во Скопје.
Сликите од циклусот „Високо во ничија земја” изработени во комбинирана техника (масло, акрилик и колаж на платно и масло на најлон), иако се во извесна помала или поголема корелација со различните дефиниции на терминот, сепак конкретно се однесуваат на денешната „нова“ реалност врз состојбата на индивидуата во светот (земјата) кој е ничиј и сечиј, вели Маја Чанкуловска- Михајловска во текстот во каталогот.
Додава дека временскиот период во кој авторот го започнува овој циклус, се совпаѓа со владеењето на корона кризата во светот, состојбата на глобално ниво на општество во време на пандемија и социјална изолација, влијанието на безбројните информации врз психичката состојба на личноста и vice versa, во насока на тенденциозна деструкција на индивидуалноста.
Се воочува константната авторска потреба за деконструкцијата на елементите во сликата преку ликовни средства, како еден вид визуелно наслојување, но и расчленување или разобличување на различните културолошки слоеви, при што, во неговиот пример, деконструкцијата (се понагласено може да) се толкува како „преобразување на фактичката појавност преку навлегување во структуралните седименти кои ја конструираат личноста“, вели Чанкуловска- Михајловска.
Надоврзувајќи се врз концептниот континуитет на неговите претходни дела, потенцира, авторот негува специфичен однос кон површната појавност низ историјата на уметноста и мас-медиумите, како „огледала на реалноста“, „наративи“, „различни реалности“, претставени преку комбинација на различни колористички апстрактни и/или фигуративни фрагменти.
Евидентно е дека во последниот циклус тој останува фокусиран на психолошко восприемање на слоевите од стварноста, но и надреалното, на што укажуваат и повеќето од насловите на сликите (Gate of Freedom, Top Life Editors, Visionary Transformed Error и др.), изведени во манир на улична графити уметност во кои доминира апстрактно експресивно изразена линеарност/графизам, кроки моменти со асоцијативна фигурација, па дури и текстуални пораки/пароли, додава Чанкуловска-Михајловска.
Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти на графичкиот отсек. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано четиринаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија.
Негови дела се наоѓаат во приватни колекционерски збирки во Норвешка, Јужна Африка и Романија. Неговиот интерес во уметноста е насочен кон графиката и сликарството, фотографијата, музиката и кураторството.
Изложбата, на која ќе бидат претставени 36 дела од овој последен циклус, ќе биде отворена до 10 ноември 2022 година. Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Општина Охрид.




