HomeАктуелноИНТЕРВЈУ СО НЕДА МАЛЕНКОВ – МЛАД ЛЕКАР И СПЕЦИЈАЛИЗАНТ ПО РАДИОЛОГИЈА

ИНТЕРВЈУ СО НЕДА МАЛЕНКОВ – МЛАД ЛЕКАР И СПЕЦИЈАЛИЗАНТ ПО РАДИОЛОГИЈА

ПРАШАЊА ЗА КАРИЕРА

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Почетоци и мотивација

Што ве мотивираше да станете лекар?
Љубовта кон медицината ја носам од најрана возраст. Потекнувам од докторско семејство – и дедо ми и татко ми беа лекари, па растев опкружена со приказни за пациенти, предизвици и хуманост. Тоа беше мојата прва и најсилна мотивација. Емпатијата и љубопитноста кон човечкото тело ме следеа уште од детството, па изборот дојде природно.

Дали имаше некој настан или личност што силно ве насочи во медицината?
Да – мојот татко. Неговата посветеност, мирниот и трпелив пристап кон работата и начинот на кој им приоѓаше на пациентите оставија длабока трага во мене. Од него научив колку е важна емпатијата, вниманието кон секој детал и посветеноста кон човекот пред сè. Тој беше мојот најголем пример за тоа што значи да бидеш доктор со срце, и секогаш кога се соочувам со предизвици, неговиот пример ме мотивира да дадам сè од себе.

Кога почувствувавте дека медицината е ваш повик, а не само професија?
Веќе во студиите. Колку повеќе учев, толку повеќе сфаќав дека ова не е само професија туку животна мисија. Првите контакти со пациенти ја запечатија таа одлука.

Образование и стручен развој

Кој дел од медицинската едукација беше најпредизвикувачки за вас?
Најпредизвикувачки беше периодот кога преминував од теорија кон клиничка практика. Требаше да поврзам огромно количество знаење со реални ситуации. Тоа бараше трпение, концентрација и многу работа на себе.

Дали некогаш сте помислиле да се откажете – и што ве задржа?
Искрено, да. Најтешко ми беше во студентските години, кога се соочував со многубројни испити, огромно количество материја и непроспиени ноќи поминати со книги за да се подготвам навреме. Понекогаш изгледаше како целиот труд да е премногу тежок за издржување. Но секогаш ме задржуваше истата мисла – дека медицината е мојот вистински повик и дека сите тие ноќи, испити и напор на крај водат кон нешто многу поголемо и вредно. Особено ме поддржуваше мојата мајка, чие верување во мене и постојано охрабрување ми даваа сила да продолжам и да давам сè од себе, со цел да станам најдобра во тоа што го правам.

Во која специјалност се гледате во иднина и зошто?
Ја избрав радиологијата затоа што ја обединува технологијата, логиката и внимателната клиничка анализа. Фасцинирана сум од интервентната радиологија – динамична и современа гранка што спојува дијагностика и активно лекување.

Работа и предизвици

Како изгледа еден ваш типичен работен ден?
Исполнет е со читање снимки, консултации, работа со пациенти, учење и континуирана анализа. Радиологијата бара фокус, па секој ден е комбинација од прецизност, концентрација и тимска работа.

Со какви предизвици најчесто се среќавате како млад лекар во Македонија?
Со големо оптоварување, недоволен кадар и чест недостиг на најсовремена опрема. Но исто така со многу желба, мотивација и подготвеност да се учи.

Како се справувате со стрес и тешки случаи?
Најмногу преку добрата организација, поддршка од колегите и моите најблиски  и баланс во приватниот живот. Ме релаксираат слушањето музика, гледањето некој добар филм и времето поминато со моите најблиски.

Дали чувствувате дека младите лекари имаат доволна поддршка во системот?
Поддршка има, но таа може и треба да биде многу поголема. Младите лекари се иднината на здравството и неопходно е да се инвестира во нивојот развој.

Емотивни моменти и искуства

Дали имате случај што особено ве допрел или променил како човек?
Да, секој лекар има момент што ќе му остане длабоко врежан. Најмногу ме допираат чувствителните случаи, особено кога пациентот минува низ тежок период. Понекогаш доволна е само една искрена благодарност или олеснување на лицето на пациентот за да сфатиш дека целата твоја работа има вистинска смисла.

Што е најубавиот момент што ви се случил на работа?
Најубаво е кога пациент ќе се врати само за да каже „благодарам“. Тоа е најсилната потврда дека си ја правиш работата со љубов. Тие моменти ти покажуваат дека секоја напорна ноќ, секој предизвик и секое вложено знаење има вистинска вредност, и дека твојата посветеност навистина може да направи разлика во животот на другите.

Колку е тешко да се задржи професионалниот однос кога пациентот е дете, стара личност или критичен случај?
Многу тешко – ние сме луѓе пред сè. Но професионалноста значи да ги ставиш емоциите на место, а емпатијата да ја користиш како сила, не како слабост.

Поглед кон иднината

Каква е вашата визија за современа здравствена нега во Македонија?
Современо здравство значи дигитализација, повеќе специјалисти, подобра опрема и услови за младите лекари. Телемедицината ја гледам како огромна можност за брза и прецизна дијагностика во целата држава и надвор од неа.

Дали планирате да продолжите со работа тука или размислувате и за странство?
Сакам да останам и да придонесувам во Македонија. Надворешните искуства се корисни, и веќе сум учествувала на конгреси и интернационални конференции, како и имав можност за професионална размена во Истанбул, што ми донесе значајно искуство и знаење. Сепак, мојата желба е да го унапредувам здравството во земјата каде започна мојот пат и да придонесам кон развој на современа и квалитетна радиологија.

Каков совет би им дале на младите кои сакаат да ја изберат оваа професија?
Да бидат упорни. Медицина бара љубов, дисциплина и многу жртва. Но кога ќе помогнеш некому – сфаќаш дека вреди. Оваа професија те учи на трпение, сила и човечност, а секој спасен или охрабрен пациент е потсетник дека си ја избрал најблагородната патека.

ПРАШАЊА ЗА ПРИВАТЕН ЖИВОТ

Кафе или чај во смена?
Кафе – секогаш. Тоа ми е верен придружник во секоја смена.

Што прво правите кога ќе заврши долга смена?
Најпрво се опуштам во мирна атмосфера, а потоа се посветувам на пишување трудови и научни материјали, што ми помага да се фокусирам и да ги организирам мислите. Вечерта ја завршувам со добар оброк и гледање некој филм или серија.

Ако не бевте лекар – што би биле?
Веројатно ќе студирав криминалистика. Отсекогаш ме привлекувале истрагите, аналитичкото размислување и решавањето сложени случаи. Таа љубопитност и внимание кон деталите што би ги развивала во криминалистиката, сега ги користам во медицината, особено во радиологијата, каде што секоја снимка бара концентрација, анализа и точна проценка.

Хоби и слободни активности?
Патувања и откривање нови места, слушање музика, дружење со пријатели и семејството, испробување нови вкусови, како и гледање добри филмови и серии во слободно време.

Приватна архива:

 

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.