На граничниот премин „Богородица“ утринава се чека околу 40 минути за излез од државата кон Грција, додека на „Табановце“ времето на чекање изнесува околу половина час, информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Од камерите на Јавното претпријатие за државни патишта се гледа дека на „Богородица“ се формирале шест колони возила кои чекаат за излез. На останатите гранични премини нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.
АМСМ предупредува дека поради летните одмори се зголемила фреквенцијата на возила, но сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, со зголемен интензитет на патиштата надвор од градските средини.
