Доколку направиме анализа на компаративните предности на македонската економија, ќе забележиме дека една од нив е земјоделството. За да имаме развој во овој сектор, неопходно е дефинирање на структурна политика и нејзино конзистентно имплементирање.
Критична точка во оваа насока треба да биде јасно дефинираната политика на земјоделско земјиште, со цел овој ресурс што е можно повеќе да биде вклучен во функција на развој на македонскиот аграр.
Понатаму, треба да се направи добра пазарна анализа со цел да се процени извозниот потенцијал на секој поединечен производ и врз таа основа да се дефинираат стратешките производи со кои ќе се развива македонското земјоделство.
Како и во било кој друг сектор за развој на бизнисот клучен е претприемачкиот дух. Во тој контекст, паралелно со земјоделската политика треба да се развие политика за развој на руралното претприемништво. Во политиката за развој на целиот овој бизнис модел, посебен акцент треба да се стави на изворите на финансирање.

На страната на побарувачката, треба да се изнајдат механизми за окрупнување на земјоделските стопанства со цел да се зголеми економијата од обем, а со цел да се развие информациониот систем да се формираат што е можно повеќе здруженија и федерации.
За поголема ефективност на земјоделската политика, неопходен е и ефикасен систем на децентрализација, со цел сите советодавни услуги од страна на институциите како и стручните служби да се поблиску до земјоделците.
Што се однесува до политиката на субвенционирање, како сегмент од целокупната аграрна политика, имаме два модела, каде во едниот субвенциите се корелирани со инпутите, а во другиот субвенциите се врзани со аутпутот. Во оваа насока, кај нас е потребен систем кој се состои од двете компоненти, каде што сегмент поврзан со инпутите треба да бидат субвенции наменети за технолошко опремување и модернизација на македонскиот агрокомплекс (набавка на механизација), а еден сегмент од системот за субвенционирање треба да биде врзан со резултатите, кои треба да бидат поставени како развојни индикатори за следење на перформансите во земјоделството.
И на крај, со цел аграрот да генерира што е можно поголема конкурентност, треба да се дефинира и имплементира програма за брендирање на претходно споменатите стратешки производи.
На овој начин ќе се подобри трошковната ефикасност во земјоделското производсво. Исто така, континуитетот и развојните политки влијаат врз стабилизирање на очекувањата кај земјоделците, со што ќе се зголеми стабилноста во земјоделското производство.
пишува: Ристе Костовски, Дипломиран економист во отсек на финансиски менаџмент. Веднаш по дипломирањето своето образование го продолжува на постдипломски студии по монетарна економија, финансии и банкарство каде работи на тезите за магистерскиот труд во својата колумна за powerinfo.mk
