HomeАктуелноКучињата скитници повторно во фокусот на Советот на Општина Охрид – Ристеска побара конкретна стратегија

Кучињата скитници повторно во фокусот на Советот на Општина Охрид – Ристеска побара конкретна стратегија

Проблемот со бездомните кучиња повторно беше отворен на седницата на Советот на Општина Охрид, каде што советничката Елена Ристеска од “Движење Знам За Наша Македонија“ побара од локалната самоуправа информации за тоа дали постои конкретен план за трајно решавање на проблемот.

-50%
За Твојата Реклама на овој рекламен банер

Ристеска посочи дека станува збор за проблем кој не ги засега само жителите на Охрид, туку има поширок, меѓуопштински карактер и потребно е институциите од Југозападниот плански регион заеднички да пристапат кон негово решавање.

На советничкото прашање одговори градоначалникот Кирил Пецаков, кој објасни дека Општина Охрид и ЈП „Охридски Комуналец“ во моментов преземаат активности преку ангажирање на ветеринарни служби. Нивните обврски опфаќаат заловување и хуман третман на бездомните кучиња.

Пецаков оцени дека досегашниот модел не претставува долгорочно решение и потсети дека во периодот од 2020 до 2022 година постоела иницијатива во рамки на Југозападниот плански регион за формирање регионален центар за бездомни кучиња.

Предвидениот центар требало да овозможи организирано заловување, хуман третман и згрижување на кучињата, со што би се пристапило кон проблемот на регионално ниво.

Сепак, проектот тогаш не бил реализиран. Средствата кои биле достапни преку поддршка од Швајцарската влада биле пренаменети за три здравствени установи од регионално значење – Болницата за нефрологија во Струга, Центарот за физикална терапија при Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид и објектот за рехабилитација на Кардиолошкиот центар во Охрид.

Според Пецаков, иако тогаш средствата биле насочени кон здравствени проекти кои имаат значење за голем број граѓани, прашањето за бездомните кучиња повторно е поставено како приоритет на ниво на Југозападниот плански регион.

Се очекува на почетокот на следната година да започнат разговори за можностите за обезбедување средства преку достапни фондови, во соработка со Југозападниот плански регион, Бирото за регионален развој и центрите за развој.

Целта е да се најде одржливо регионално решение, наместо проблемот со бездомните кучиња да се третира само поединечно од страна на општините.

Прашањето поставено од советничката Елена Ристеска повторно го отвори прашањето дали Охрид и останатите општини во регионот можат заеднички да воспостават системско решение за проблемот, кој со години претставува предизвик за локалните власти и граѓаните.

Rate This Article:
No comments

Sorry, the comment form is closed at this time.