Фудбалската селекција на Македонија е пред последниот предизвик од сезоната во Лигата на нации. Во Скопје гостува репрезентацијата на Бугарија, во пресметка која што ќе одлучи која селекција ќе заврши на втората позиција на табелата, ако се знае деке Грузија веќе е недопорлива на врвот и ќе патува во плеј-офот.
Пред почетокот на третата сезона во најновото натпреварување на УЕФА, амбициите на нашата најдобра репрезентација беа исти како оние за премиерното издение, но овој пат не успеавме да го повториме успехот на Ангеловски, Пандев и останатите херои кои токму преку Лигата на нации изборија историски пласман на Европско првенство. Но, досегашните резултати на Македонија не може да се окарактеризираат како неуспех. Дел поради бројните проблеми со повредите, дел поради чудниот и нелогичен распоред на одигрување на оваа сезона, Македонија не ги забележа посакуваните резултати, но тоа не треба да влијае на вечерашната средба со нашиот источен сосед, која треба да се добие за престиж и враќање на самодовербата.
Благоја Милевски и за оваа репрезентативна пауза на располагање има „крпен состав“, без неколку стандардни првотимци и лидерите Стефан Ристовски и Аријан Адеми. Токму поради тоа во Тбилиси мораше да импровизира и со составот и со формацијата. Против Грузија стартувавме со систем 3-5-2, што се чинеше како најлогичен со оглед на околностите, но сè уште останува отворено прашањето дали потегот за двајца класични центарфори беше вистински.
Врската меѓу Милан Ристовски и Бојан Миовски не фунционираше како што се очекуваше, нивните голгетерски способности не се спорни, но во ваквите улоги не се снајдоа најдобро. Затоа вечерва нема да биде изненадување доколку шанса од првата минута добие Љупче Дориев, повратник во селекцијата кој сезонава игра во фантастична форма во дресот на Шкендија и е калибар на фудбалер кој може да ја донесе потребната брзина во нападот. Исто така, адут на Милевски во офанзивната може да биде и искусниот Александар Трајковски, кој поради болест не настапи на дуелот во Тбилиси.
На спротивната страна, пак, Бугарија по шокантниот старт на групната фаза и промената на селекторска позиција, под водство на Младен Крстајиќ успеа да се консолидира и со победата во претходното коло над Гибралтар остана во игра за втората позиција. Но, за тоа ќе треба да слави на натпреварот на „Тодор Проески“ во Скопје, кој започнува од 20:45 часот.
